Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ ги нарече „непотребни шпекулации“.гласините за евентуална оставка на Папата
„Сега размислуваме за здравјето на Светиот Отец, неговото закрепнување и враќање во Ватикан: ова е единственото нешто што е важно“, нагласува најблискиот соработник на Папата.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол пред еден ден ја демантираше информацијата на италијанскиот телевизиски канал RaiNews24, според која папата Фрањо се сретнал со кардиналите Пјетро Паролин и Џанфранко Гирланда во клиниката Гемели. Ова предизвика шпекулации дека со нив Папата можеби разговарал за неговото повлекување.
Државниот секретар рече дека е вообичаено да се шират гласини и да се даваат несоодветни коментари во контекст на болеста на Папата. Тој истакна дека ова не се случува првпат и се труди максимално да се држи настрана од вакви „маневри“.
Во интервјуто, кардиналот рече дека пред неколку дена се вратил од Буркина Фасо и го известил Светиот Отец за желбата да го посети во болница, „но досега немало потреба од тоа“. „Подобро е да остане заштитен и да прима што помалку посетители за да може да се одмори и со тоа да ја направи поефикасна терапијата на која е подложен. „Фала му на Бога, вестите од Гемели се охрабрувачки, тој се опоравува“, нагласува кардиналот Паролин.
Кон ова, кардиналот Виктор Мануел Фернандез, префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, во интервју за аргентинскиот весник La Nación нагласи дека не гледа смисла „одредени групи да бараат повлекување“ на Папата, бидејќи за да биде валидна оваа одлука, „треба слободно да биде донесена од Светиот Отец“.
„Не гледам претконклавна атмосфера, не гледам повеќе да се зборува за можен наследник од пред една година, така што нема ништо извонредно“, вели кардинал Фернандез, додавајќи дека единственото нешто што му е важно е организмот на Папата добро да реагира на лекувањето.
Ватикан њуз/к.мк