Папскиот совет ‘Кор Унум’ помага во сириско-ирачката криза

Папата Фрањо и понатаму го поттикнува Папскиот совет ‘Кор Унум’ да обрне посебно внимание кон последните, најсиромашните и заборавените. Затоа, оваа ватиканска институција за добротворните дела на Папата организира два големи настани.

Првиот е на 25 и 26 февруари 2016 година ќе биде одржана голема средба за 10-годишнината од енцикликата на Бенедикт XVI „Деус каритас ест“, додека за 17 септември оваа година е предвидена координативна средба за добротворните дела во Сирија и Ирак.

Уште сме во подготвителниот период – рече во интервју за Радио Ватикан монс. Џовани Дал Тозо, секретар на Папскиот совет ‘Кор Унум’ – особено што се однесува до средбата која ќе се одржи на 17 септември, кога по трет пат во Рим ќе бидеме домаќини на координативната средба на големите Католички добротворни тела кои работат на случаите од сириско-ирачката криза. Знаеме дека, од хуманитарен аспект, ова можеби е најтешката криза во последниве 25 години, а која со своето учество многу католички тела настојуваат да ја олеснат – изјави монс. Дал Тозо.

Присетувајќи се на своето патување во Сирија, во октомври минатата година и на средбата со сириските епископи, Дал Тозо рече дека се обидува што е можно повеќе да ги задржи заедно сите субјекти кои работаат во таа област. Всушност, тешко е да се воспостави ефикасна координација, бидејќи овде станува збор за повеќе субјекти; згора на тоа, ситуацијата е премногу чувствителна и не се достапни сите области на земјата. Но, тоа што е важно за нас е што се обидуваме да ги држиме заедно сите овие големи тела, со цел, меѓу другото, да би се видело важното сведоштво на Црквата во овој момент, за корист на нашите браќа и сестри кои страдаат во Сирија и Ирак. Секако, грижата на Католичката Црква не е насочена само на христијаните, туку на целото население – рече секретарот на Папскиот совет ‘Кор Унум’.

Монс. Дал Тозо потоа ја пренесе грижата на папата Фрањо за Сирија и Ирак во овој момент, особено за бегалците и потсети дека Светиот Отец многупати бараше да се изнајдат начини за помирување и воспоставување мир. Особено неопходно е да се запре оваа војна која трае веќе повеќе од четири години, која, само во Сирија однесе 220.000 мртви, која предизвика големи страдања на христијаните во Ирак, кои морале да побегнат затоа што биле протерани од својата земја итака по прв пат во историјата во овие делови на Ирак нема повеќе христијани – изјави монс. Дал Тозо и додаде дека станува збор за многу тешка состојба; поради тоа и Папата повеќе пати зазеде став дека треба пред сѐ да се пронајде политичко решение како да се прекине војната.

Од друга страна, тоа што Католичката Црква може да направи во овој момент и она што треба да го направи е да даде знак на своето присуство дека е во близина на жртвите, а тоа значи да го поддржи обезбедувањето на хуманитарна помош, душопастирска помош на христијаните кои се избегани и да се обидува да создаде што поудобна средина за овие луѓе.

Осврнувајќи се потоа на 10-годишнината од енцикликата „Деус каритас ест“, монс. Дал Тозо истакна дека оваа енциклика означи многу важен момент за делотворната дејност на Црквата и дека донела големи плодови за Црквата на повеќе континенти, било во поглед на конкретна активност, било во поглед на разбирање, на соодветната визија на добротворната служба, а јас би рекол – додаде монс. Дал Тозо – во поглед на директното залагање на црковните пастири за делување на ова поле. Во таа смисла со задоволство велам дека папата Бенедикт даде теолошка рамка за која папата Фрањо секојдневно сведочи; тоа служење на човештво кое трпи, а на кое папата Фрањо постојано нѐ повикува и кое тој секојдневно го живее.

Затоа, ние мислевме дека важно е да се одбележи 10-годишнината од оваа енциклика и тоа не само гледајќи наназад, туку повеќе со поглед упатен напред, поради можностите кои и понатаму се отвораат за нашите добротворни активности. А папата Фрањо го охрабри овој потфат кој со право добро се вклопува во рамките на Годината на милосрдието – рече секретарот на Папскиот совет ‘Кор Унунм’.

РВ/З.А.

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот