Папа со порака до учесниците на  меѓурелигиската средба

Папа со порака до учесниците на  меѓурелигиската средба

Сите религии мора да се молат и заедно да работат за мир, настојувајќи да ја обноват хармонијата во многу делови во светот, кои се растргнати од војна и тероризaм – стои во писмото на Светиот Отец до учесниците на XXX меѓурелигиска молитвена средба на планината Хиеи недалеку од Киото, Јапонија.

Средбата започна на 3 август, а завршува на 6 август 2017 година, на годишнината од атомската бомба во Хирошима во 1945 година. Писмото на Папата го прочита кардинал Џон Тонг Хон, пензиониран епископ на Хонг Конг, а упатено до Коеjи Морикава врховен свештеник на будистичката деноминација „Тендаи“, со кој папата Фрањо се сретна во септември минатата година.

Папата истакнува дека тој годишен верски самит на посебен начин допринесува за градење на духот на дијалогот и пријателството, кој им овозможува на следбениците на светските религии заедно да работат за да отворат нови патишта за мир во нашето човечко семејство. Исто така пишува дека молитвата вдахнува и ги поддржува нашите напори околу мирот, затоа што ни помага да го продлабочиме нашето меѓусебно почитување, ја зацврстува врската на љубовта меѓу нас, и нѐ поттикнува да направиме одлучни напори кон промовирање на праведни односи и братска солидарност.

Папата Фрањо исто така вели дека во денешниот свет, обележан со насилство, тероризам и зголемена закана за нашиот заеднички дом, тоа сведоштво на молитвата и заедничката грижа испраќа клучна порака до луѓето со добра волја. Всушност, како луѓе на верата – пишува Светиот Отец – веруваме дека трајниот мир навистина е можен, знаеме дека ништо не е невозможно ако му се обратиме на Бог во молитвата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот