Папа: Светот нема да биде спасен со острење на мечеви, туку со простување и прифаќање на сите луѓе
Папата ја предводеше светата Литургија во Ватиканската базилика на празникот Света Марија Дева и на почетокот на новата година нè охрабри да живееме ослободени и да бидеме носители на слободата, да живееме помирени и да бидеме делители на простувањето, отворени за духот на братството без пресметки и без страв. Во пресрет на крајот на Јубилејот на надежта, тој нè повика со вера да пристапиме кон Божиќната пештера како вистинско место на разоружан и разоружувачки мир.
Во радоста на Божиќната октава, ја почитуваме Пресвета Марија, Мајката Божја, која му го даде на светот Кнезот на мирот, оној кој нè помирува во својата љубов. Ова го нагласи папата Лав XIV во четврток, 1 јануари 2026 година, предводејќи ја светата Литургија на празникот на Света Марија, Богородица, и по повод 59-от Светски ден на мирот. Во центарот на размислувањето е мирот како скапоцен и кршлив дар што го добивме, но за кој мора постојано да се молиме, бидејќи постојано е загрозен од човечката алчност.
Нова година, нов живот
Пред присутните 5.500 верници во базиликата „Свети Петар“, Светиот Отец, во својата проповед, коментирајќи ги библиските читања, потсети на прекрасниот Божји благослов од Книгата Броеви и го нагласи односот меѓу Бога и Израелскиот народ, светата и плодна димензија на дарот, ветувањето за земја во која може да се живее и расте без окови и синџири. Затоа додаде:
На почетокот на новата година, литургијата нè потсетува дека секој ден може да биде, за секој од нас, почеток на нов живот, благодарение на Божјата великодушна љубов, неговата милост и одговорот на нашата слобода. Затоа е убаво да се размислува за годината што започнува како за отворен пат што треба да се открие, по кој можеме да тргнеме по благодат, како ослободени и носители на слободата, помирени и делители на простувањето, со доверба во близината и добрината на Господ кој секогаш нè придружува.
Да ја почувствувам татковската прегратка Божја
Осврнувајќи се на конституцијата Gaudium et Spes, римскиот епископ потсети на чудесната судбина што ни ја вети Создателот и додаде:
На почетокот на годината, додека одиме кон новите и единствени денови што нè очекуваат, да се помолиме на Господа во секој момент, околу нас и во нас, да ја почувствуваме топлината на неговата татковска прегратка и светлината на неговиот благотворен поглед, за да можеме подобро да разбереме и постојано да бидеме свесни кои сме и кон каква прекрасна судбина чекориме. Во исто време, да му оддадеме слава: преку молитва, на светоста на нашите животи и одразувајќи ја неговата добрина еден кон друг.
Светот не се спасува со уништување на нашите браќа
Петровиот наследник потсети на она што го напишал Свети Августин во една од своите проповеди, во која зборувал за целосната бесплатност на Божјата љубов, основната карактеристика на разоружаната и разоружувачка љубов. Ова се многу релевантни зборови во нашето време, кое е загрозено од слепи и безгрижни воени планови, нагласи тој, додавајќи:
Ова сака да нè научи дека светот не се спасува со острење на мечеви, осудување, угнетување или уништување на нашите браќа, туку со напор и постојана работа да се разберат, простат, ослободат и прифатат сите луѓе, без пресметка и без страв.
Средбата на Марија и Бога со разоружувачката реалност
Светиот Отец ја нарече убавината на Марија убавина на скромна ученичка која ја следела Исусовата мисија сè до крстот. Таа го сторила тоа со став на здрава посветеност и пасивност што станало послушност на срцето, место каде што љубовта може да нè допре и целосно да нè преобрази. Тој нагласи:
Таа не се спротивстави, се откажа од очекувањата, барањата и гаранциите – како што прават мајките – посветувајќи го својот живот безрезервно на Синот кого го прими по благодат, за потоа да му го врати на светот. Во божественото мајчинство на Марија, така, ја гледаме средбата на две големи „разоружени“ реалности: реалноста на Бога кој се откажува од секоја привилегија на своето божество за да се роди во тело, и реалноста на личноста која со доверба целосно ја прифаќа неговата волја, покажувајќи му ја – во совршен чин на љубов – својата најголема сила: слободата.
Поглед во јаслите
Проповедта на Папата се фокусираше и на зборот „лице“, бидејќи верата во Исус Христос значи размислување за Бога кој стана тело. Потоа, Римскиот епископ ги цитираше зборовите на Свети Иван Павле II, кои ги изговори на крајот од Јубилејот во 2000 година, кога зборуваше за големиот дар на простување што го примаме и даваме. Радоста што произлегува од ова треба да нè охрабри храбро да бидеме достапни за да можеме повторно да одиме во нашиот секојдневен живот – рече папата Лав XIV, заклучувајќи:
На овој свечен празник, на почетокот на новата година, во пресрет на крајот на Јубилејот на надежта, да пристапиме со вера кон Божиќната пештера како вистинско место на разоружан и разоружувачки мир, место на благослов каде што се сеќаваме на чудотворните дела што Господ ги направил во историјата на спасението и во нашите животи, за потоа повторно да тргнеме на пат, како скромни сведоци од шталата, славејќи го и фалејќи го Бога за сè што видовме и слушнавме. Нека ова биде наша обврска, наша одлука за месеците што доаѓаат и секогаш за нашиот христијански живот.
Ватикан њуз/к.мк

