Папа Лав XIV ја дополни Конституцијата на Римскиот викаријат

Папа Лав XIV ја дополни Конституцијата на Римскиот викаријат

Папа Лав XIV објави документ во форма на motu proprio, Confirma Fratres Tuos, со кој ја дополни Апостолската конституција In Ecclesiarum Communione, што го уредува устројството и дејствувањето на Римскиот викаријат.

Новиот документ ја потврдува улогата на кардиналот викар како раководител на Викаријатот, а истовремено координацијата на неговите служби и административната структура му ја доверува на модераторот на куријата.

Три години по реформата на Римскиот викаријат, воведена од покојниот папа Фрањо, Светиот Отец презема нов чекор во усовршувањето на управувањето со Римската епархија.

Во документот папа Лав XIV потсетува на мисијата што Христос му ја доверил на апостол Петар, „Утврди ги браќата свои“ (Лука 22,32), и го нагласува посебното призвание на Римската црква да биде видлив знак на црковното единство што произлегува од Петровата служба.

Токму затоа, забележува Папата, црковните структури треба постојано да бидат насочени кон мисијата и кон служењето на Божјиот народ.

Сегашните промени произлегуваат од практичното искуство по стапувањето во сила на Конституцијата In Ecclesiarum Communione во јануари 2023 година. Насобраното пастирско и административно искуство покажало дека е потребно да се прецизираат одредени одредби.

Затоа, на 25 февруари оваа година, Папата одреди да се формира посебна работна група што ќе го анализира важечкото законодавство и ќе ги предложи потребните измени.

Основните принципи на реформата започната од папа Фрањо остануваат непроменети. Меѓу нив се мисионерскиот карактер на Римската црква и нејзината синодална димензија.

Новиот текст уште појасно го нагласува принципот на заедничка одговорност на сите верници, кои според своето звање и примените дарови се повикани активно да учествуваат во животот и мисијата на Црквата.

Најзначајните измени се однесуваат на управувањето со Викаријатот. Конституцијата го поедноставува и појаснува распределувањето на надлежностите меѓу различните тела.

Се потврдува улогата на кардиналот викар како раководител на Викаријатот и редовен судија на Римската епархија, додека координацијата на службите и административната работа му се доверува на модераторот на куријата, кого Светиот Отец го назначува за мандат од пет години.

Документот ги прецизира и одредбите што се однесуваат на заменик-викарот и помошните епископи, како и постапките за назначување парохиски свештеници и нивни помошници.

Промени се направени и во телата за учество и советување. Епископскиот совет сега е определен како постојано советодавно тело што му помага на кардиналот викар при разгледувањето на најважните пасторални и административни прашања.

Покрај тоа, поедноставени се правилата за функционирање на останатите епархиски тела.

Структурата на службите и одделите, воведена со реформата во 2023 година, останува речиси непроменета. Без измени продолжува да функционира и системот на судовите при Римскиот викаријат.

Сепак, преработени се правилата за Независната надзорна комисија. Конституцијата ја потврдува нејзината улога како тело за внатрешна контрола, а предвидува нејзините конкретни надлежности и начинот на работа да бидат утврдени со посебен нормативен акт.

Со овие измени, папа Лав XIV ја продолжува реформата започната од неговиот претходник, со цел Римскиот викаријат да биде уште поефикасно средство во служба на евангелизацијата, зацврстувањето на црковното заедништво и пасторалната грижа за верниците во Римската епархија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот