Папата испрати видео порака до учесниците на конференциите SEEK26 што се одржуваат истовремено во Охајо, Тексас и Колорадо. Обраќајќи им се на младите, тој ги потсети дека мисионерската ревност доаѓа од автентична средба со Христос.
Драги млади луѓе, што барате? Зошто сте тука, на оваа конференција? Ова се прашањата што папата Лав XIV ги поставува во видео порака на англиски јазик упатена до бројните учесници на конференцијата SEEK26, иницијатива што започна во четврток, 1 јануари, а завршува во понеделник, 5 јануари, и се одржува истовремено во Колумбус (Охајо), Форт Ворт (Тексас) и Денвер (Колорадо). Програмата на настанот, на кој присуствуваат илјадници католици, вклучува моменти на молитва, обожавање, предавања и литургиски прослави.
Прашањата на Папата допираат до срцата на оние што го слушаат. Ова се зборовите на Исус упатени до учениците кои и денес нè изненадуваат и ги преиспитуваат нашите срца, прашања кои нè поттикнуваат на размислување и нè покануваат да почнеме да одиме – нагласува Светиот Отец и додава:
Одговорот лежи во една личност. Само Господ Исус ни носи вистински мир и радост и ги исполнува сите наши најдлабоки копнежи.
Мисионерска ревност
Римскиот епископ ги повика учесниците да бидат отворени за она што Господ го подготвува за секој од нив. Тој нагласува дека конференциите можат да бидат можност за прв пат да се сретнат со Христос или да го продлабочат својот однос со него. Сепак, јасно е дека откако ќе го сретнеме, сè се менува, и како ученици можеме да кажеме: „Го најдовме Оној Кого Го баравме!“ Од ова произлегува мисионерската работа – нагласува Петровиот наследник во видео пораката и додава:
Мисионерската ревност извира од средбата со Христос. Сакаме да споделиме со другите она што сме го примиле, за и тие да ја познаат полнотата на љубовта и вистината што се наоѓаат само во него.
Препуштете се на Божјото водство
Затоа Светиот Отец ја вети својата молитва на младите за да можат да ја споделат радоста од автентичната средба со Господ и ги охрабрува, во овие денови на пријателство и евхаристиско обожавање, да не се плашат да прашаат што Исус очекува од нив – без разлика дали станува збор за свештенството, монашки живот, бракот или семеен живот. Тој додаде:
Ако чувствувате дека Господ ве повикува, не плашете се. Сакам уште еднаш да нагласам: само тој ги знае најдлабоките, можеби скриените, желби на вашето срце и патот што ќе ве одведе до вистинско исполнување. Дозволете му да ве води и насочува!
Папата Лав XIV на крајот ги довери учесниците на конференциите што започнаа на празникот на Дева Марија -Богородица, за преку неа да можат да дојдат до Исус и неговата љубов и да најдат мир во оној што долго го барале.
Ватикан њуз/к.мк

