Во пладневното обраќање за празникот Богојавление, 6 јануари 2026 година, Папата потсети на она на што нè повикува Јубилејот: да ги реорганизираме нашите животи заедно, да ја прераспределиме земјата и ресурсите и да го споделиме она што го имаме, како што направија мудреците. Нивното патување, нивниот ризик и нивните дарови нè охрабруваат да му понудиме на Исус сè што сме и што имаме. Тој поттикна да бидеме ткајачи на надежта и да направиме место за Царството Божјо за да преовлада правдата наместо нееднаквоста.
Папата Лав XIV го одржа својот пладневен говор во вторник, 6 јануари, на празникот Богојавление и ја предводеше молитвата Ангел Господов од централната ложа на базиликата „Свети Петар“. По затворањето на Светата Врата и завршувањето на Јубилејот на надежта, Светиот Отец нè охрабри во својот говор да работиме за братство и хармонија меѓу народите. Тој нагласи дека Јубилејот нè повикува на правда заснована на бесплатност, што води кон реорганизација на коегзистенцијата и прераспределба на земјиштето и ресурсите, а исто така нè охрабрува да се даруваме за другите и да направиме место за Христос. Ова е она што нè учат мудреците за кои зборува евангелистот Матеј, бидејќи беа подготвени да тргнат на патување и да преземат ризици за да му се поклонат на Детето родено во Витлеем, нудејќи му злато, темјан и смирна – рече Римскиот епископ и додаде:
Надежта што ја објавуваме мора да биде вкоренета во земјата: таа доаѓа од небото, но само за да создаде нова историја овде на земјата. Во даровите на мудреците, гледаме што секој од нас може да стави на располагање, не за да го задржи за себе, туку за да го сподели со другите за да може Исус да расте меѓу нас. Нека расте неговото Царство, нека се остварат неговите зборови во нас, нека странците и непријателите станат браќа и сестри, нека нееднаквостите отстапат место на правдата, а воената индустрија на уметноста на мирот.
Папата затоа повика да бидеме ткајачи на надежта и да тргнеме кон иднината по поинаков пат, за да може светот да се преобрази.
Да се биде отворен и да се биде дел од заедницата
Во своето обраќање до 20.000 верници собрани на плоштадот „Свети Петар“, Светиот Отец дополнително го објасни значењето на Богојавление, нагласувајќи дека Бог се открил во Исус со најголема јасност. Божјиот живот бил откриен и на овој начин луѓето знаат дека дури и среде многу неволји можат да имаат надеж бидејќи Бог спасува. Тој нема други намери и само Божјото откровение нè ослободува – забележа Римскиот епископ, повикувајќи на размислување за гестовите на мудреците пред Детето Исус:
Да се поклониме како мудреците пред Витлеемското Дете значи и за нас да признаеме дека сме го пронашле вистинското човештво во кое свети Божјата слава. Во Исус се појави вистинскиот живот, живиот човек, за да не живееме само за себе, туку да бидеме отворени и да живееме во заедништво. Тогаш можеме да кажеме: „Како на небото, така и на земјата“.
Божествениот живот е во наш дофат и се покажува во својот ослободителен динамизам што ги растерува стравовите и ни овозможува да се сретнеме еден со друг во мир – додаде Петровиот наследник.
Дарувај се целосно
Потоа Светиот Отец се осврна на даровите што мудреците му ги донеле на Детето Исус – злато, темјан и смирна – како скапоцени дарови што можеби не му изгледаат корисни на Детето, но нè покани да препознаеме подлабоко значење во ова, бидејќи кој дава сè – дава многу. Пример за ова е сиромашната вдовица што ја забележал Исус, која ги дадела своите последни парички, сè што имала, во храмовата ризница. Што се однесува до мудреците, нивното заминување, ризикот што го презеле, нивните дарови ни укажуваат дека сè, всушност сè што сме и што поседуваме, треба да му се понуди на Исус, на ова непроценливо богатство – нагласи Петорвиот наследник.
Детската мисионерска недела
Откако се помоли со молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV потсети дека денес во Италија се слави Детската мисионерска недела, која локалните цркви низ целиот свет ја слават на различни датуми, и им се заблагодари на децата и младите кои на многу места низ светот се молат за мисионерите и им помагаат на своите врсници кои се во тешки ситуации.
На крајот, ги поздрави сите верници собрани на плоштадот Свети Петар, а посебен поздрав упати и до Кралската поворка на мудреците, која денес се одржува во Рим, Варшава и многу полски градови, како и до учесниците на овогодинешното 39-то издание на историската, верска, културната и фолклорната поворка посветена на вредностите на празникот Богојавление, која секоја година ги претставува традициите и производите од различни италијански региони.
Ватикан њуз/к.мк

