Во својата порака за Кампањата за братство во Бразил, што се одржува за време на Великиот пост, папата Лав XIV повикува на конкретна посветеност за обезбедување достоинствено домување за оние што го немаат.
Великиот пост е „свето време“, како што пишува свети Августин, во кое човек прима „посебен повик од Бога кон автентично преобраќање“.
Папата Лав го истакнува тоа во својата порака од 11 февруари 2026 година за Кампањата за братство во Бразил, која веќе повеќе од 60 години ја организира локалната бискупска конференција.
Оваа година таа е посветена на оние што страдаат затоа што немаат достоинствен дом.
Во текстот, Папата потсетува дека „во ова време на интензивна молитва“ треба да се обнови заложбата „за најсиромашните и најзагрозените, со кои самиот Христос се поистоветува“.
Тие се, всушност, „вистинските приматели на нашата преференцијална љубов“, како што Папата нагласува и во Апостолскиот поттик „Dilexi te“, кој повикува да се соочиме со структурните причини на сиромаштијата.
Драматичните последици од недостигот на дом
Темата на Кампањата за братство 2026 е вдахновена од стих од Евангелието според Иван: „Словото стана тело и се всели во нас“, и поттикнува да се погледне оваа стварност на страдање.
Свети Иван Павле II ја опиша кризата со домоување како „сериозен проблем“ што „има негативни последици на личен, семеен и општествен план“.
Во својата енциклика „Sollicitudo rei socialis“ тој пишува: „Недостигот на дом треба да се смета за знак и резиме на цела низа економски, социјални, културни или едноставно човечки недостатоци.“
Постојан став
Повикувањето на папата Лав е оваа размисла да не остане само на поединечни акции, туку да стане вистинско будење на совеста.
Тој моли таа да поттикне во секого „свест дека споделувањето на даровите што Господ великодушно ни ги дава не може да се ограничи на еден период од годината, на една кампања или на повремени иницијативи, туку треба да биде постојан став што нè обврзува да го сретнеме Христос присутен во оние што немаат каде да живеат“.
Станбени политики
Светиот Отец понатаму ја изразува надежта дека иницијативите што произлегуваат од Кампањата за братство ќе донесат трајни плодови, молејќи:
„Нека ги вдахноват државните власти да промовираат јавни политики, така што, работејќи заедно, ќе биде можно на население во потреба да му се понудат значајни подобрувања во условите за домување.“
Папата Лав XIV ја доверува оваа надеж на Пресвета Богородица од Апарецида, заштитничка на Бразил, и го подели својот благослов на оние што работат „за секој да има достоинствен дом“.
Ватикан њуз/к.мк

