Папа Лав XIV: Бог ни покажува дека има место за секој човек

Папа Лав XIV: Бог ни покажува дека има место за секој човек

Во својата проповед на Полноќната света Литургија, Лав XIV го претстави Божиќ како Божји решителен одговор на темнината, стравот и конфузијата на човештвото – одговор што не доаѓа преку моќ или величина, туку преку ранливоста на детето. Божиќ, нагласи Папата, е прослава на светлината, на човечкото достоинство и на надежта што никогаш не бледее.

На почетокот од својата проповед, Светиот Отец потсети како, со милениуми, луѓето ја барале вистината, гледајќи во ѕвездите и небото, обидувајќи се да најдат одговори на своите земски грижи. Но, во оваа ноќ, рече тој, не е човекот тој што ја открива светлината – самата Светлина се спушта кон човекот. Зборовите на пророкот Исаија се исполнуваат: луѓето што оделе во темнина виделе голема светлина. Оваа светлина е Христос, роден во одредено време и место, во нашата историја, за да биде „Бог со нас“.

Папата Лав XIV нагласи дека Божиќ открива радикално поинаква слика за Бога. Неговата семоќ се пројавува во немоќта на новороденче положено во јасли. За да го сретнеме Спасителот, не смееме да гледаме кон далечни височини, туку траба да се наведнеме кон сиромашните, малите, ранливите. Таму, рече Папата, свети Божјата светлина. Во Витлеемското Дете се открива вистината за човекот и бесконечната вредност на секој човечки живот, особено на најкревките и најнезаштитените.

Цитирајќи го папата Бенедикт XVI, Светиот Отец предупреди дека кога во општеството нема место за ближните: за децата, сиромашните, странците и отфрлените, тогаш нема место за Бога. Но, каде што човекот е прифатен и сакан, таму и Бог наоѓа место. Така, скромната пештера може да стане посвета од храм, а утробата на Дева Марија  живиот ковчег на Новиот завет.

Папата истакна дека Бог не ни испраќа идеја или програма за решавање на сите проблеми, туку нè вклучува во приказна за љубовта. Против насилството и гордоста, Тој нуди понизност; против економските и социјалните системи кои го претвораат човекот во средство или стока – Тој го потврдува неповредливото достоинство на секоја личност. Осврнувајќи се на Свети Августин, Папата потсети дека човечката гордост може да се излечи само со Божјата понизност. Додека човекот сака да стане бог за да владее, Бог станува човек за да ослободи.

Размислувајќи за сцената со пастирите и пеењето на ангелите над Витлеем, папата Лав XIV нагласи дека вистинскиот мир не се наметнува со сила, туку се раѓа од Божјата слава и љубов. Во срцето Христово, рече тој, се среќаваат небото и земјата, Создателот и созданието.

Во овој контекст, Светиот Отец потсети на зборовите на папата Фрањо од Божиќ 2024 година, со кои ја започна Јубилејната година, за надежта што ја донесува Христос и која не разочарува. Сега, кога Јубилејот се ближи кон крајот, Рождеството Господово е време и за благодарност и за послание: благодарност за примениот дар и послание да се сведочи за него пред светот.

На крајот папата Лав XIV ја повика Црквата да го навестува Божиќ како празник на верата, љубовта и надежта. Празник на верата, бидејќи Бог станува човек; на љубовта, бидејќи се дава себеси целосно; и на надежта, бидејќи ги прави верниците носители на мирот. Со овие крепости, нагласи Папата, човештвото може бестрашно да ја помине ноќта и да ја дочека зората на новиот ден.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот