Папата ќе ја предводи Литургијата за 104 Светски ден на мигрантите и бегалците

Папата ќе ја предводи Литургијата за 104 Светски ден на мигрантите и бегалците

На 14 јануари се одбележува 104 Светски ден на мигрантите и бегалците, а по тој повод папата Фрањо во базиликата Свети Петар ќе го предводи свеченото евхаристиско славење.

Во пригодната порака за спомнатите настан, која носи наслов „Прими, заштити, промовирај и интегрирај ги мигрантите и бегалците,“ Папата предупреди на ситуацијата и проблемите со кои мора да се соочуваат мигрантите и бегалците.

Светиот Отец во тој документ истакнува дека секој странец која ќе тропне на нашата врата е прилика за средба со Исус Христос, кој се поистоветува со примените и отфрлените странци во секое време (Мт 25, 35-43). Исто така вели дека Господ со мајчинска љубов на Црквата ѝ го доверува секој човек кој е присилен да ја напушти својата татковина во потргата за подобра иднина. Таа пак солидарност мора конкретно да се изразува во секоја етапа од миграциското искуство: од појдувањето на патувањето до пристигнувањето до дестинацијата и враќањето. Тоа е голема одговорност која Црквата сака да ја сподели со сите верници и мажи и жени со добра волја кои се повикани да одговорат на многуте предизвици на денешната миграција со великодушност, подготвеност, мудрост и предвидливост, секој според сопствените можности – напиша Папата и додаде: Во таа смисла сакам да потврдам дека нашиот заеднички одговор може да се обликува од четири глаголи: прифати, заштити, промовирај и интегрирај.

Набљудувајќи ја моменталната ситуација, да се прифати значи пред сè да се пружат поголеми можности за мигрантите и бегалците за безбеден и лесен влез во земјата на дестинацијата – вели Светиот Отец и продолжува: Вториот глагол, заштити може да се сфати како серија чекори кои треба да се преземат со цел одбрана на правата и достоинството на мигрантите и бегалците, независно од нивниот правен статус.

Третиот глагол, промовирај во суштина значи преземи одлучен напор за да се осигуриш дека сите мигранти и бегалци како и заедниците кои ги примаат ќе им се овозможи да се остварат како луѓе во сите димензии кои го прават човештвото какво што сака Создателот. Меѓу нив мораме да ја препознаеме вистинската вредност на религиската димензија, и во таа смисла потребно е да се обебзбеди на сите странци во секоја земја слобода на вероисповед и можност за практикување на сопствената вера – истакна Папата.

Последниот глагол, интегрирај се однесува на можноста за интеркултурално збогатување кое мигрантите и бегалците го пружат со своето присуство – напиша папата Фрањо и продолжи: Интеграцијата не е некој вид на асимилација, која ќе доведе до затворање и заборав на сопствениот културен идентитет. Допирот со другите напротив води до откривање на неговите „тајни“, отворање за другиот за да се прифатат неговите позитивни вредности и така да се придонесе за поголемо меѓусебно познавање. Тоа е долготраен процес кој има за цел обликување на општеството и културата, правејќи ги се повеќе одраз на многубројните Божји дарови на луѓето.

И додека Црквата во согласност со својата пасторална традиција, подготвена директно да ја преземе обврската за остварување на потребните иницијативи, Папата истакнува дека за постигнување на саканите плодови неопходен е придонесот од политичката заедница и цивилното општество, согласно со нивните одговорности. Светиот Отец потоа наведува дека државите членки на Обединетите нации се обврзале да состават и одобрат до крајот на 2018 година, два глобални договори (Global Compacts), едниот посветен на бегалците, а другиот на мигрантите. Во тој контекст ги повика како верниците така и луѓето со добра волја да ја искористат секоја можност за да ја поделат неговата порака со сите политички и општествени актери кои се вклучени, или кои се заинтересирани за учествување во процесот кој ќе доведе до одобрувањето на двата глобални договори.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот