На 26 јануари 2025 година Црквата ја одбележува Неделата на Словото Божјо – воспоставена од папата Фрањо пред шест години. Темата за оваа година е „Се надевам на Твоите зборови“ (сп. Псалм 118,81).
По повод Шестата Недела на Словото Божјо, во Ватиканската базилика папата Фрањо ќе служи света Литургија, соопшти Дикастеријата за евангелизација.
Евхаристијата ќе започне во базиликата Свети Петар во 9:30 часот. Учесниците ќе го добијат Евангелието според Свети Лука како подарок од папата Фрањо. Со овој гест, кој стана традиција, Папата сака да ги потсети верниците на нивната одговорност да го познаваат Словото Божјо.
За време на прославата, Папата ќе ја довери службата за читање на 40 лаици – мажи и жени – од различни земји: 4 од Албанија, 3 од Аргентина, 5 од Австрија, 1 од Боливија, 4 од Бразил, 5 од Филипини, 1 од Исланд, 6 од Италија, 5 од Мексико, 1 од Полска и 5 од Словенија. Секој ќе добие примерок од Библијата.
По повод Шестата Недела на Словото Божјо, Дикастеријата за евангелизација подготви бесплатен онлајн водич со литургиски и пасторални материјали за молитва, размислување и средба со Словото Божјо. Исто така, содржи статии, размислувања и пасторални совети.
Ватикан њуз/к.мк