Папата ќе се сретне со црковните движења од пет континенти
Ватикан, 17.5.2013 /к.мк/ – Повеќе од 120 илјади луѓе, претставници на 150 различни црковни движења од сите континенти, ќе се сретнат со Папата на Денот на црковните движења, новите заедници и миротворните здруженија, средба која ќе се одржи во Рим на 18 и 19 мај на празникот Педесетница под наслов „Јас верувам. Зголеми ја верата во нас“. За два дена плоштадот „Свети Петар“ ќе се претвори во место на „сведоштво на верата, размена на искуства помеѓу различни црковни реалности, плод на Вториот Ватикански собор, кои со нивните различни харизми, го навестуваат Христовото Евангелие“.
Тоа е „средба со Папата за споделување на искуства и слушање“, за да ги живееме со „сила и мотивација“ патот на новата евангелизација, рече монсињор Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за нова евангелизација:
„Различни имиња, методологии и средства кои го изразуваат богатството на Духот подарено во различните харизми на секое движење, но имаат иста заедничка цел: да ја пренесат радоста на Евангелието до секој човек“.
Се очекуваат 120 илјади учесници од Италија, Аргентина, Нов Зеланд, Порторико. Сите континенти се во Рим, за да сведочат дека Католицизмот на Црквата не познава граници“, истакна монсињор Физикела, кој го појасни изборот на мотото за средбата:
„Јас верувам! Зголеми ја верата во нас“. Секој во верата е повикан да го исповеда во прво лице своето пристапување кон Христос и Црквата. Тоа е слободен и личен избор, кој претпоставува потврда на верата од крштението“.
Во овие движења и здруженија, додаде претседателот на Ватиканскиот совет, често многу млади мажи и жени ја „наоѓаат не само загубената или претворената, со тек на време, во неплодоносна и рамнодушна вера, туку доживуваат и вистинско преобраќање во животот“. Затоа, верата е исто така еден чин на целата заедница:
„Црквата е видлива во различни реалности, кои се патот и средства за искажување на верата. „Јас верувам! Зголеми ја верата во нас!“, ја изразува многубројноста и единството на учесниците“.
Изборот на празникот Педесетница за оваа средба е диктиран од желбата да се истакне дека „присуството на движењата, новите заедници и миротворните здруженија во Црквата денес е знак за присуството на Духот на воскреснатиот Христос, кој ја води својата Црква во Евангелското дело“, објаснува монсињор Физикела. Сите овие црковни реалности ги „изразуваат постојаните напорите за нова евангелизација“.
Дводневната средба ќе започне во 7 часот, утрото, на 18 мај, кога 50 илјади луѓе, по групи, ќе се поклонат пред гробот на Свети Петар. Во 15 часот ќе започне моментот на размислување и молитва, а од 18 часот е предвидено на плоштадот да пристигне и Папата. Неговото присуство ќе биде одбележано со момент на молитва и интронизацијата на иконата на Богородица „За спасение на римскиот народ“ (Salus populi Romani) и читање на извадок од Светото Писмо. Потоа ќе следи сведоштвото на ирскиот писател и композитор Џон Уатерс, и Пол Бхати, брат на убиениот пред две години Шабхаз Бхати, министер за малцинства во пакистанската влада. По нивното сведоштво Папата ќе одговори на прашања поставени од страна на учесниците на средбата. Меѓу илјадници учесници ќе има и луѓе со телесен хендикеп. Следниот ден, 19 мај, Педесетница, учесниците на настанот, ќе присуствуваат на светата Литургија, која папата Фрањо ќе ја предводи на плоштадот Свети Петар, која ќе заврши со молитвата Царице Небесна.
Со почетокот на новиот понтификат многу се зборува за „феноменот Фрањо“. Eве го мислењето на монсињор Физикела на таа тема:
„Присуството на папата Фрањо допре до срцето и разумот на многу луѓе кои се приближија повторно кон верата и Црквата. Ако тоа е резултатот од „феноменот Фрањо“, тогаш тоа е многу позитивно. Ние сме среќни поради тоа, бидејќи ни помага да размислуваме за важноста на верата, за тоа дека сме христијани и оттука за вредноста која личноста на Папата може да ја има во овој момент од животот на Црквата“. (В.Н.)