Папата: Љуби го ближниот по примерот на добриот Самарјанин
Немој да ги класифицираш другите за да видиш кој ти е ближен, а кој не. Можеш да му станеш ближен на секој човек во потреба кој ќе го сретнеш, ако во срцето имаш милост –таа е централната теза на толкувањето на Папата на Исусовата парабола за добриот Самарјанец која ја претстави во текот на Генерална аудиенција на 27 април.
Јасно правило за класификација на „ближни“ и „неближни“
„Кој е мој ближен?“ – е прашањето кој еден книжник го поставил на Исус, сакајќи да знае што да прави за да наследи живот вечен. Желбата на книжникот била – како што објаснува Папата – да има јасно правило кое ќе му овозможи другите да ги класифицира на „ближни“ и „неближни“; оние кои можат да станат ближни и оние кои не можат. Христос му одговара со познатата парабола за човекот кој разбојниците го раниле и го оставиле полумртов.
Љубовта не се следи автоматски од спознание
Свештеникот и левитот – иако Господовите закони во таква ситуација одредувале дека треба да се помогне – поминуваат покрај несреќниот човек. Биле „во брзање“ – рече папата Фрањо. „Свештеникот можеби гледал на часовникот и кси рекол: „Ќе задоцнам на света Литургија… морам да служам Литургија.“ А вториот рекол: „Не знам дали ми го дозволува тоа законот, затоа што има крв и ќе бидам нечист…“ Си заминале по друг пат и не се приближиле.“
Овде се наоѓа поуката: не дека оние кои го посетуваат Божјиот дом и го познаваат неговото милосрдие автоматски знаат да го сакат ближниот. Не е автоматски! – нагласи Папата. Можеш да ја познаваш целата Библија, можеш да ги знаеш сите литургиски рубрики, можеш да ја познаваш целата теологија, но со спознанието не се следи автоматски љубовта: љубовта е еден друг пат: со интелигенција, но нешто повеќе…
Две студени и едно милосрдно срце
Свештеникот и левитот го гледаат ранетиот човек, но го занемаруваат; го гледаат но не му даваат помош. Не постои вистинско богопочитување кое не води до служење на ближниот – рече Папата, додавајќи: Пред страдањето на толку големо мноштво исцрпено од глад, насилство и неправди, не можеме да останеме гледачи. Занемарувајќи го страдањето на човекот значи го занемаруваме Бог! „Ако не се приближам на маж, жена, дете, старец кој страда не се приближувам до Бог“ – рече Светиот Отец.
На ранетиот човек во параболата му се смилувал Самарјанинот: „шизматик, Евереин кој се сметал за странец, поганин и нечист.“ Разликата е во тоа што свештеникот и левитот „виделе“, но срцата им останале затворени и студени. Срцето на Самарјанинот пак било усогласено со срцето на самиот Бог, „сочувството“ – како што рече – „ е важна карактеристика на Божјото милосрдие. Бог сочувствува со нас.“ Тоа според папата Фрањо значи дека „Бог страда со нас, ги чувствува нашите страдања.“
Сочувството и љубовта не се „замаглени чувства“
Во гестовите и делувањето на Добриот Самарјанин го препознаваме Божјото милосрдно делување во целата историја на спасението – продолжи Папата. Станува збор за „сочувство со кое Господ излегува во пресрет на секој од нас: не нè занемарува, ги познава нашите страдања, знае колку ни е потребна помош и утеха. Ни се приближува и никогаш не нè напушта.“
Постапувањето на Самарјанинот нè поучува дека сочувството и љубовта не се замаглени чувства, туку да се грижиш за другиот значи ако треба за него и да плати. Тоа значи да се компромитираш правејќи ги сите неопходни чекори за на другиот да се приближиш, сѐ до поистоветување со него: „љуби го својот ближен како самиот себе.“
Појди по патот на Добриот Самарјанин
Исус на крајот на параболата ја менува перспективата на книжникот кој сакал да знае да го разликува ближниот од оној кој тоа не е: „Не треба да се класифицираат другите за да се види кој е, а кој не е ближен. Можеш да станеш ближен на секој човек во потреба кој ќе го сретнеш ако во срцето имаш милост односно способност да страдаш со другиот.“
Параболата за Добриот Самарјанин за сите нас претставува прекрасен дар, но и задача – рече Папата. „На секој од нас Исус му го повторува она што му го кажа на книжникот: „Оди и ти прави така.“ Сите сме повикани по патот на добриот Самарјанин кој е лик на самиот Христос. Исус се наведнал над нас, се направи наш слуга и така нè спаси за да можеме да љубиме како што Тој нас нè љубеше – рече папата Фрањо на крајот од катехезата.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк