Папата ја отвори амбулантата „Свети Мартин“ на колонадата на плоштадот „Свети Петар“

Папата ја отвори амбулантата „Свети Мартин“ на колонадата на плоштадот „Свети Петар“

Под колонадата на плоштадот „Свети Петар“ е отворен нов објект на Апостолската добротворна организација за проширување на здравствените услуги за сиромашните и оддел за радиологија за брза дијагноза на најчестите болести што ги погодуваат луѓето што живеат на улица.

Папата Лав XIV во петок, 14 ноември 2025 година, ја отвори амбулантата сместена под колонадата на плоштадот Свети Петар, десет години по отворањето на амбулантата „Мајка на милосрдието“ (Madre di Misericordia) и во пресрет на Светскиот ден на сиромашните, кој се одбележува во недела, 16 ноември. Според соопштението од Дикастеријата за милосрдие, станува збор за две нови простории со најсовремена опрема и нов радиолошки оддел. Благодарение на најсовремениот рендгенски апарат, ќе биде можно брзо и прецизно да се дијагностицира пневмонија, фрактури на коски, тумори, дегенеративни заболувања, присуство на камења и цревни опструкции – состојби кои често се занемаруваат кај луѓето кои живеат во сиромаштво. Раната дијагноза на овие болести ќе овозможи навремено започнување на соодветен третман, со што ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на животот на оние кои немаат ништо.

Ликот на Исус во сиромашните

Објектот е изграден во соработка со Дирекцијата за здравство и хигиена на Државната администрација на Градот Ватикан и обезбедува сеопфатна грижа за луѓето што бараат помош. Тоа е место каде што луѓето се добредојдени и згрижени, со што се враќа достоинството на сиромашните што тропаат на вратата на Апостолскиот дом за милостина, луѓе во неволја, во кои – како што рече кардиналот Конрад Крајевски, Папскиот делител на милостина – не гледаме бездомници, сиромашни, туку лицето на Исус.

Бесплатно здравство

Амбулантата „Свети Мартин“ на тој начин ја надополнува работата на амбулантата „Мајка на милосрдието“, која секојдневно нуди бесплатна здравствена заштита за сиромашните, маргинализираните или оние во тешкотии, врз основа на принципите на Евангелието и социјалното учење на Црквата. Таа обезбедува повеќе од две илјади бесплатни медицински услуги месечно, благодарение на работата на 120 волонтери: лекари, медицински сестри и здравствени техничари. Клиниката се грижи за околу десет илјади сиромашни луѓе од 139 земји. До денес, 102.060 медицински услуги се дадени целосно бесплатно и се дистрибуирани 141.200 пакети лекови.

Благодарение на овие две клиники, ќе биде можно да се продолжи со обезбедување општи и специјалистички медицински прегледи, како и стоматолошки и лабораториски услуги, како и радиолошки прегледи. Покрај тоа, мобилни протези, очила и слушни апарати ќе бидат донирани на сиромашните. Лековите што се препишуваат ќе бидат донирани целосно бесплатно директно во рацете на оние на кои им се најпотребни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот