На крајот од пладневното неделно обраќање, прво во 2024 година, папата Фрањо упати апел за Никарагва, земја во Централна Америка, каде што се уапсени 14 свештеници и еден бискуп, и каде што бискупот од Матагалпа монс. Алварез е во затвор од февруари 2022 година, без редовна судска постапка. Папата ја изрази својата близина со Црквата во таа земја и ги охрабри верниците на постојана молитва: „Се надевам дека секогаш ќе се бара патот на дијалогот за да се надминат тешкотиите.
Папата Фрањо изрази тага и загриженост поради ситуацијата во Никарагва, каде бискупи и свештеници се лишени од слободата. Во пладневното обраќање по молитвата Ангел Господов на 1 јануари 2024 година, Светиот Отец се осврна на таа земја во Централна Америка, каде што, по насилството врз Црквата и свештениците во 2018 година и во 2022 година протерувањето на нунцијот и околу 220 монаси, со месеци се сведоци на нов бран апсења и ограничувања на верски настани.
Пат на дијалог
Токму на затворените свештеници и бискупи, како и на нивните семејства и на целата Црква во таа земја, Папата ја вети својата молитвена близина. Ве охрабрувам на постојана молитва сите вас овде присутни и целиот Божји народ, и се надевам дека секогаш ќе се бара патот на дијалогот за да се надминат тешкотиите. Денес да молиме за Никарагва – рече папата Фрањо.
Нови апсења
Само во последните неколку дена се уапсени најмалку 14 свештеници, меѓу кои и бискупот од Сиуна, монсињор Исидоро дел Кармен Мора Ортега. Бискупот беше уапсен откако молеше за монсињор Роландо Хозе Алварез Лагос, бискуп од Матагалпа и апостолски администратор на Естели, кој беше осуден на 26 години затвор без редовна судска постапка и е во затвор од минатиот февруари.
Ватикан њуз/к.мк