Папата: Човештвото секогаш може да се обедини, дури и во време на поделби

Папата: Човештвото секогаш може да се обедини, дури и во време на поделби

Папата Лав XIV испрати видео-порака до учесниците на италијански хуманитарен настан, потенцирајќи ја важноста на дијалогот и мирот во светот растргнат од поделби.

Папата Лав XIV ја истакна итноста на градењето мир и потребата за унапредување на единството преку спортот, политиката, музиката и другите општествени сфери.

Во видео-порака објавена на 15 јули 2025 година, Светиот Отец им се обрати на учесниците на хуманитарниот фудбалски натпревар организиран од Педијатриската болница на Светиот Престол „Бамбино Џезу“ и Каритас Италија.

„Во прашање е доведено нашето човештво. Нека овој натпревар, кој говори за мир, биде победа за човештвото“, рече Папата.

Во своето обраќање, тој изрази надеж дека сите учесници во настанот ќе имаат храброст „да ги погледнат децата во очи и да научат од нив“ како да го примат другиот со отворено срце, како да бидат мажи и жени на средба, како да најдат сила да веруваат и да молат за примирје, за прекин на омразата.

„Сè уште е можно, секогаш е можно да се обединиме – дури и во време на поделби, бомбардирања и војни. Треба да создадеме простори и можности за тоа“, подвлече Папата. „Спротивставете им се на поделбите, и препознајте дека најголемиот предизвик е токму – да се обединиме.“

Настан за болните деца и нивните семејства

Пораката на Светиот Отец беше упатена по повод годинешното издание на „Натпреварот на срцето“ (итал. La Partita del Cuore), хуманитарен фудбалски натпревар и музички концерт што се одржа на 15 јули во градот Л’Акуила, во централна Италија.

Настанот, во организација на Педијатриската болница „Бамбино Џезу“ и Каритас Италија, собира средства за иницијативата „Проект Добредојде“ (итал. Progetto Accoglienza), кој обезбедува сместување и материјална поддршка за социјално загрозени семејства од Италија и странство, чии деца се лекуваат во болницата „Бамбино Џезу“.

Ова е веќе 34-то издание на настанот, на кое се натпреваруваат екипа составена од музичари и друга од политичари. Натпреварот го придружува и концерт со настапи на познати италијански музичари.

Поддршка за животот, а не за смртта и уништувањето

Папата Лав нагласи дека зборот „натпревар“ во контекстот на овој настан означува „средба“ – собир што обединува, дури и противници, околу заедничка кауза.

„Средба каде и противниците можат да се обединат во заедничко дело – како што се децата што бараат помош, кои доаѓаат во Италија од воени зони, и кои се примени преку овој проект на добредојде“, рече Папата.

„Натпревар и срце стануваат два збора што треба да ги поврземе заедно“, додаде тој, поздравувајќи ја иницијативата што собира средства за живот, за лекување, а не за смрт и уништување.

Во денешниот свет, рече Папата, „сѐ потешко, речиси невозможно е да се најдат простори каде што овие прашања ќе бидат слушнати“.

Тој го спомена примерот од Првата светска војна, кога на Божиќ 1914 година, во близина на белгискиот град Ипр, француски, англиски и германски војници одиграле пријателски фудбалски натпревар во време на неформално примирје.

Овој настан, рече Папата, е прикажан во францускиот филм Joyeux Noël („Среќен Божиќ“) и во песната на Пол Макартни „Pipes of Peace“, објавена во 1983 година.

Во пораката, Папата ги повика луѓето да „придонесуваат со добри дела“ и да „ги соединат скршените срца“.

„Препознајте дека во Божјото срце сите сме едно, и дека срцето е местото каде што се среќаваме со Бога и со другите“, подвлече Светиот Отец.

Музиката, спортот, телевизијата и политиката имаат важна улога

Папата потоа ја нагласи клучната улога на спортот, музиката, медиумите и политиката во градењето на заедништво и во надминување на поделбите.

„Спортот – кога се живее на здрав начин, како од страна на спортистите така и од навивачите – има една голема сила: ја претвора конфронтацијата во средба, поделбата во прифаќање, осаменоста во заедница“, рече тој.

Додаде дека и телевизијата не треба да биде само средство за поврзување, туку и инструмент за создавање заедништво, „со љубов наместо со омраза“.

И политиката, рече Папата, може „да обединува наместо да разединува, ако не се задоволува со пропаганда што се храни со создавање непријатели“.

Политиката треба да тежнее кон „тешката, но неопходна уметност на конструктивен дијалог, кој го бара заедничкото добро“.

На крајот, Папата ја истакна и вредноста на музиката, која „ги збогатува нашите зборови и сеќавања уште од најмала возраст“.

„Децата – на кои им е посветен овој настан – го знаат тоа. Тие ја имаат чистотата на срцето што им овозможува да Го видат Бог“, заврши Папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот