Папата: Човечките ембриони не се отпаден материјал
Почитувајте ги сите живи битија посебно најслабите, науката никогаш не треба да преовладува над човекот. Тоа беше охрабрувањето на папата Фрањо на аудиенцијата со Италијанскиот комитет за Биоетика.
Папата истакна дека човечките ембриони не можат да бидат третирани како отпаден материјал. Обраќањето на Папата беше упатено до претседателот на комисијата, проф. Франческо Паоло Казавола.
Папата Фрањо ја искористи можноста да ја изрази благодарност на Црквата за фактот дека пред повеќе од 25 години, го создаде Националниот комитет за Биоетика при Министерскиот совет на Италија, како и за промовирање на „потрагата по вистината и доброто во сложените човечки и етички прашања.“
„Општо познат е односот на Црквата кон етичките прашања, но можеби не на сите е познато дека Црквата нема претензии за привилегирано место во оваа област, па затоа упатува апел за заштита на послабите:
„Тоа значи да се служи на луѓето, на сите мажи и жени, со посебно внимание и грижа – како што беше споменато – кон најранливите и оние кои се во нерамноправна положба, кои се борат за да биде слушнат нивниот глас, или не се во состојба повеќе да имаат глас. Во овој поглед црковната заедница и граѓанскиот сектор се повикани да соработуваат во согласност со нивните различни надлежности“.
Папата истакна дека Комитетот „во повеќе наврати покажал почитување на достоинството на човечкото битие и заштитата на здравјето од зачнувањето до природна смрт, почитувајќи го секој поединец во неговата посебност, секогаш како цел и никогаш – само како средство“:
„Овој принцип на етиката е фундаментален дури и во однос на биотехнолошките апликации во областа на медицината, кои никогаш не треба да се користат за штета на човечкото достоинство и не можат да бидат водени од индустриски и комерцијални цели.“
Биоетиката, рече Папата: „беше формирана за да решава проблеми, критички гледајќи на причините и условите наметнати од потребата за почитување на достоинството на човековата личност со развојот на науката и биолошките и медицински технологии. Не треба да пропуштиме да истакнеме, колку е тешка истражувачката работа во потрага по вистината во етиката во контекст обележан со релативизам и кој не е посебно уверен во способноста на човечкиот разум“:
„Вие сте свесни дека истражувања на сложените прашања во областа на биоетиката не се лесни и секогаш не водат до брз хармоничен заклучок; истражувањата бараат смиреност и реализам, и храброст при споредбата на различните позиции; и на крајот, сведоштвото, кое произлегува од вистината придонесува за созревањето на граѓанската свест“.
„Предизвикот е да се спротивставиме на разноликата култура на вишок, од која е дел и односот кон човечките ембриони како материјал за уништување, како и односот кон болните и стари лица, на кои им се приближува смртта.“
На крајот Папата упати повик за вложување на поголеми напори во областа на меѓународната соработка во поглед на постигнување на конзистентност на правилата и на биолошките и медицинските активности кои ќе бидат во можност да ги признаваат и почитуваат општите вредности и основните човекови права.“
РВ/В.Н.