Папата: Црквата постои заради навестување на Евангелието

Папата: Црквата постои заради навестување на Евангелието

Црквата постои заради навестување на Евангелието, што е нејзино главно и трајно послание кое го примила од Господ на празникот Вознесение – е резимето од неделниот наговор на папата Фрањо на плоштадот Свети Петар, во Ватикан.

Светиот Отец ја опиша сцената од Евангелието според Матеј, односно моментот на конечната разделба на Воскреснатиот со учениците, која се случува во Галилеја, каде Исус ги повикува да го следат и каде го формира јадрото на својата заедница. На таа исплашена заедница, Исус ѝ дава задача за евангелизација на светот и тоа го конкретизира налогот да „поучуваат и да крстат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.“

Исусовото вознесение на небото значи свршеток на посланието примено од Отецот и продолжување на тоа исто послание од страна на Црквата. Од тој момент, всушност, Христовото присуство во светот се случува преку неговите ученици, кои во Него веруваат и кои Го навестуваат. Тоа послание трае до крајот на историјата на светот и секојдневно ја ужива Господовата помош: Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на светот.

Неговото присуство дава сила во прогоните, утеха во неволјите, поддршка во тешките ситуации кои пречат на посланието и навестувањето на Евангелието. Вознесението нѐ потсетува на Исусовата помош и на неговиот Дух кој дава доверба и сигурност на нашето христијанско сведочење и ни открива заради што Црквата постои: заради навестување на Евангелието. „Но, за Црквата навестувањето на Евангелието е и радост. Црква сме сите ние крстените“ – рече Папата.

Денес сме повикани подобро да разбереме дека Бог ни дал големо достоинство и одговорност за да го навестуваме во светот; да го направиме достапен за човештвото. Тоа е нашето достоинство и најголема чест! И додека го упатуваме погледот кон небото, каде Христос се вознесе и каде седи од десната страна на Отецот, да ги зајакнеме своите чекори, за да продолжиме со полет и храбро на својот пат и послание за сведочење и живеење на Евангелието, во секоја ситуација – повика Светиот Отец.

Сепак, свесни сме дека тоа не зависи во потполност од нашите сили, организациските способности, ниту од човечките ресурси. Единствено во светлината и силата на Светиот Дух можеме ефикасно да го исполниме посланието: другите да ја запознаат и да ја искусат секогаш повеќе, Исусовата љубов и нежност. „Нека Дева Марија ни помогне да ги гледаме небесните добра, кои Господ ни ги ветува и да станеме поверодостојни сведоци на неговото воскресение на вистинскиот живот“ – рече папата Фрањо.

По молитвата Царице небесна, Папата повторно ја изрази својата близина на „драгиот брат Тавадрос и целиот египетски народ“, кои пред два дена одново се погодени од немилосрдното насилство. Жртвите, меѓу кои има и деца се верници кои патувале во светилиштето за да се молат, а убиени се откако одбиле да се откажат од својата христијанска вера. „Нека Господ ги прими во својот мир овие храбри сведоци – маченици – и ги преобрати срцата на терористите“ – молеше Папата. Повика на молитва и за жртвите од атентатот во Манчестер, изразувајќи ја својата близина на семејства и на сите кои ги оплакуваат загинатите.

Светиот Отец потсети дека денес се одбележува Светскиот ден на социјалната комуникација, на тема: „Не плаши се затоа што јас сум со тебе“ (Исаија 43, 5) Средствата за социјална комуникација нудат можност за меѓусебна размена на информација и брзо и капиларно ширење на вестите. Тие можат да бидат добри или лоши, вистински или лажни – рече Светиот Отец. „Да молиме комуникацијата, во секој облик, да биде ефикасна и да изградува и да биде во служба на вистината, одбивајќи ги предрасудите, а ширејќи ја надежта и довербата, во нашето време.“

Папата на крајот ги поздрави различните и голем број групи ходочасници од Италија и странство, посебно поздравувајќи ги граѓаните на Џенова, кои вчера срдечно го примија, а потоа на сите им посака пријатна недела, препорачувајќи се во нивните молитви.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот