Вториот ден од Апостолското патување на папата Фрањо заврши со средба со парохијаните на „индиjанската“ парохија во Едмонтон, каде ги сподели своите размислувања за тоа што значи зборот „помирување“.
„Ако сакаме да се помириме едни со други и со себе, треба да се помириме со минатото, со претрпените грешки и ранетото сеќавање, со трауматични настани кои не можат да се излечат со ниту една човечка утеха, треба да погледнеме во распнатиот Христос, мирот е привлечен од Неговиот олтар“, рече папата Фрањо, во понеделник, 25 јули 2022 година, попладне по локално време (околу полноќ по средноевропско време) на средбата со парохиската заедница „Пресветото Срце“ во Едмонтон, која ја сочинуваат домородни народи.
Оваа црква, изградена во 1913 година, е една од најстарите католички цркви во градот. Во 1991 година, надбискупот Џозеф Мекнил ја назначил како национална парохија на Првите нации, Метис и Инуити, прва од ваков вид во земјата. Овде, католичката вера е изразена во контекст на домашната култура. Храмот стана и духовен центар за многу мигранти и бегалци кои дојдоа во Едмонтон.
Дом за секого
Откако го слушна поздравниот говор на парохискиот свештеник и двајца парохијани, Папата истакна дека е среќен што ги гледа оние кои ги примил во Ватикан пред неколку месеци, а сега е во нивниот дом како пријател и ходочасник во храмот, во кој се собираат „како браќа и сестри да Го слават Бога“. Имајќи го предвид пасторалниот контекст, тој истакна дека оваа црква е „дом за сите, отворен и инклузивен, како што треба да биде Црквата“, каде секој треба да се чувствува добредојден. Светиот Отец се заблагодари и за конкретното внимание кон сиромашните, кои ги има „многу во оваа богата земја“.
„Истовремено, не смееме да заборавиме дека и во Црквата каколот се меша со доброто жито. И токму поради тој какол сакав да го направам ова покајничко ходочастие, почнувајќи го утринава, сеќавајќи се на злото што домордните народи го претрпеа од рацете на многу христијани, болно барајќи прошка за тоа“, рече Папата, додавајќи дека е повреден од помислата дека католиците се вклучиле во политика на асимилација која всадува „чувство на помала вредност, одземајќи ги од заедниците и поединците нивниот културен и духовен идентитет“. И тоа се правеше и „во име на образованието кое се сметало за христијанско“, додека појдовна точка на образованието треба да биде „почитување и промовирање на талентите што веќе ги има човекот“.
Помирување преку крстот
Така, во овој контекст, Светиот Отец ги посвети своите размислувања на темата за помирување, за она што Исус ни зборува на оваа тема и што тоа значи за нас денес. Папата привлече внимание на фактот дека помирувањето што го изврши Исус не беше надворешен мировен договор, компромис за задоволување на страните, тоа не беше мир што „падна од небо“. Христос, како што учи свети Павле, нѐ помири, „претворајќи две различни реалности во една реалност, една работа, еден народ“. Исус е тој што „нѐ помирува еден со друг на крстот“. Тој е „Кој помирува на крстот, одново го соединува сето она што изгледало незамисливо и непростливо, ги опфаќа сите и сè“.
„Браќа, сестри, но што може ова да значи за некој што носи многу болни рани во срцето? Можам да замислам колку е тешко да се најде било каква перспектива за помирување за оној кој претрпел ужасни нешта поради луѓето кои требало да сведочат за христијанскиот живот. Ништо не може да го поврати нарушеното достоинство, претрпеното зло, изневерената доверба. И, исто така, срамот од нас верниците никогаш не треба да исчезне. Но, потребно е да се почне одново, а Исус не ни нуди зборови и убави решенија, туку ни го нуди крстот, таа несфатлива љубов која ти дозволува да ги прободеш нозете и рацете со клинови и главата со трње“, рече Светиот Отец, нагласувајќи. дека токму на дрвото на Крстот „болката се претвора во љубов, смртта во живот, разочарувањето во надеж, напуштеноста во заедништво, оддалеченоста во единство“. Помирувањето не е наше дело, туку дар кој доаѓа од Распнатиот, тоа е мирот кој доаѓа од Срцето Исусово, тоа е милост за која треба да се моли – рече Папата.
Живо тело на помирување
Потоа, Петровиот наследник го привлече вниманието на друг аспект на помирувањето, осврнувајќи се на зборовите на свети Павле, кој пишува дека Исус нè помирил преку крстот „во едно тело“. За какво тело се работи? За Црквата, која е „тоа живо тело на помирувањето“. „Но, ако се потсетиме на неприфатливата болка што многумина во овие земји ја претрпеле од црковните установи, чувствуваме само гнев и срам“, рече Папата, нагласувајќи дека тоа се случува кога верниците ќе подлегнат на духот на светот и наместо да поддржат помирување, создаваат свој културен модел. И покрај тоа што можеби изгледа дека е полесно да се „всади Бог во луѓето“, наместо да им се даде можност да се приближат до Бога, тоа не функционира така, бидејќи „Бог не присилува, не загушува и не угнетува“, Тој „љуби, ослободува и ти остава слобода“.
„Во името на Исус никогаш повеќе да не се повтори такво однесување во Црквата. Нека се навестува Исус онака како што тој сака, во слобода и љубов, и секој распнат со кој ќе се сретнеме да не биде проблем кој треба да се реши, туку да ни биде брат или сестра што треба да се сака, телото Христово на кое треба да наликуваме. Црквата, Телото Христово, нека биде живо тело на помирување!“ – поттикна Папата, истакнувајќи дека зборот „помирување“ е всушност синоним за Црквата, која треба да биде место каде што меѓусебно се препознаваме како браќа и сестри, прифаќајќи ја културата на другиот, дозволувајќи „мистиката на заедништво, толку многу посакувана од Светиот Дух, да поттикнува исцелување на ранетите сеќавања“.
Ватикан њуз/к.мк