Папата: Црквата е отворен дом на Отецот
Крстените луѓе кои по неуспешниот светотаински брак во новата врска не се исклучени од Црквата, туку и понатаму се дел од Црквата – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција во салата Павле VI, кој по летниот одмор одлучи да продолжи со размислувањата за ранетите семејства.
Во нашите заедници итно е потребно да се развие „реално прифаќање“ на луѓето кои по неуспехот на својата брачна врска влегуваат во нова заедница. Папата Фрањо повторно размислуваше за ранетите семејства и го истакна потребното внимание кон оние кои се ранети во нивната љубов. Потребно е братски и со многу внимание во љубовта и во вистината да се прифатат крстените кои живеат во новата врска, по неуспехот на нивниот светотаински брак. Тие луѓе не се исклучени од Црквата – истакна Папата, повторувајќи го тоа повеќе пати – и никако со нив не треба да се постапува како да се исклучени: тие остануваат дел од Црквата.
Светиот Отец тоа го повтори и на шпански јазик, истакнувајќи дека не станува збор за исклучени, за екскомуницирани, како што некои мислат и поттикна на тие нови врски да се гледа со очите на децата. Заради тоа е важно стилот на заедницата, нејзиниот начин на изразување и нејзиното однесување секогаш да бидат полни со внимание кон тие луѓе, почнувајќи од децата. Во тие случаи најмногу трпат децата – предупреди Папата.
Меѓу останатото како ќе им се препорача на родителите да ги воспитуваат децата на христијански живот, давајќи им пример на цврста вера, сведоштво со животот, ако ги држиме на страна од животот на заедницата, како да се исклучени? –запраша папата Фрањо. Треба да постапуваме така за да не додаваме други товари освен оние кои децата во таквите ситуации веќе мора да ги носат! За жал, бројот на таквите деца и млади навистина е голем – рече Папата и додаде дека е многу важно да ја чувствуваат Црквата како Мајка која е внимателна кон нив, секогаш подготвена за слушање и за средба.
Светиот Отец потоа зборуваше за улогата на Црквата, наведувајќи зборови од свети Иван Павле II кој ја истакнувал должноста за расудување и поттикнувал да се воочи разликата помеѓу луѓе кои претрпеле развод и оние кои го предизвикале, како и мисли од Бенедикт XVI кој поттикна на „мудро пасторално следење“. Минатите децении Црквата не била ниту нечувствителна, ниту мрзелива, добро знаејќи дека тие реалностие се спротивни на христијанската света Тајна, но во неа се развива силна совест за прифаќање бидејќи нејзиниот поглед на учителка секогаш произлегува од срцето на мајка, барајќи добро и спасение на луѓето – рече папата Фрањо.
Заради тоа пастирите – додаде – повеќе пати повика отворено и доследно да се изразува подготвеноста на заедницата да ги прифати и охрабри за да живеат и се повеќе да ја развиваат својата припадност на Христос и Црквата и тоа со молитва, слушање на Словото Божјо, посетување на Литургиите, христијанско воспитување на децата, милосрдие и служење на сиромашните и заземање за праведност и мир.
Спомнувајќи го потоа своето Апостолско писмо „Evangelii gaudium“, Папата ги поттикна сите присутни да се вдахнат од библиската слика за Добриот Пастир, кое го сумира посланието кое Исус го доби од Отецот, а тоа е да го даде својот живот за овците. Таквото однесување е пример и за Црквата, која своите деца ги прима како мајка која за нив го дава својот живот. Црквата е повикана секогаш да биде отворен дом на Отецот. Нема затворени врати! – истакна Папата повторувајќи – Нема затворени врати! Сите можат на некој начин да учествуват во црковниот живот, сите можат да бидат дел од заедницата. Црквата е татковска куќа во која има место за секој заедно со неговиот тежок живот.
Затоа посланието кое е доверено на христијанските семејства е да се преземе грижа за ранетите семејства и да се следат во животот на верата во заедницата. Нека секој го направи својот дел преземајќи го однесувањето на Добриот Пастир , кој ја познава секоја своја овца и никој да не ја исклучува од својата бесконечна љубов.
Во поздравите на крајот од аудиенцијата, Папата посебно ги спомна монахињите од Конгрегацијата на света Елизабета од Полска и сите посветени луѓе кои – како што рече – го користат времето за одмор за духовни вежби, зајакнувајќи ја својата врска со Христос, како и заземање во заедницата на Црквата. Освен тоа, Светиот Отец потсети дека денес е литургиски празник на Посветување на базиликата Света Марија Велика во Рим во која се почитува Богородичната икона ‘Salus Populi Romani’ (спас за римскиот народ). Таа е наша заштитница. Таа базилика е првата црква на запад посветена на Богородица – рече папата Фрањо и ги поттикна сите присутни заедно да измолат Радувај се Маријо.
РВ/к.мк