Папата: Црквата е на Бог и во неа има место за сите

Папата: Црквата е на Бог и во неа има место за сите

Светиот Отец на светата Литургија која ја служеше во колумбискиот град Меделин, на 9 септември 2017 година, ги повика своите браќа свештеници да бидат како Исуса Кој гледал над крутата доктрина, грижејќи се за грешниците и прифаќајќи ги.

Папата Фрањо исто така истакна дека Црквата не е царина, туку треба да ѝ се отворени вратите. На литургиското славење, учествуваа околу милион луѓе, а поголемиот дел беа облечени во бело, бојата на мирот. Папата следејќи го лајтмотивот на својата посета, ги поттикна сите Колумбијци да се вклучат помагајќи си едни на други и да ги прегрнат делата на ненасилство, помирување и мир.

„Вклучи се“ е повикот кој беше во сржта на пораката на Папата до свештениците додека се присетуваше на ликот на свештеникот исусовец свети Петар Клавер и неговото мото – „Засекогаш роб на црнците“ – затоа што тој разбрал дека Исусовиот ученик не може да биде рамнодушен на страдањето на најнемоќните и најзлоупотребуваните во своето време, и мора да направи нешто за да го ублажи нивното страдање.

Светиот Отец рече дека Црквата во Колумбија е повикана да се посвети со голема смелост на формирање на ученици мисионери кои на реалноста гледаат со Исусовите очи и срце. Ученици кои ризикуваат, делуваат и кои се обврзуваат. Тоа е повикот на Црквата во Колумбија, земја во која толку многу гладуваат за храна, достоинство и правда, земја во која мирот ќе биде возможен единствено ако се решат проблемите на социјалната неправда, нееднаквоста и угнетувањето.

Папата Фрањо рече дека неговите браќа свештеници секогаш биле посветени и продолжуваат да бидат претходници во Колумбија. Не само како заговорници на мирот и човековите права, туку и како клучни протагонисти кои во текот на неодамнешните мировни преговори гарантираат дека се слушат гласовите на жртвите, и во обезбедувањето демобилизациски простори за поранешните герилци и развојни програми за нивна општествена реинтеграција. Исто така нудат образование и помош на сиромашните, раселените, и оние кои се трауматизирани од конфликтот.

Колумбиските свештеници така имаат важна и тешка одговорност и задача додека ги водат своите стада на карпестиот пат кон помирувањето. Затоа папата Фрањо на крајот ги поттикна да бидат постојани во Христос и на таков начин да го покажуваат во сè што работат.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот