Примивајќи ја во аудиенција делегација на политички претставници и граѓански службеници од Франција, во четврток 28 август 2025 година, папата Лав XIV предупреди за понекогаш погрешно сфатената лаичност и за идеолошка колонизација. Не треба да се плашиме да го промовираме црковното учење, учењето за спасение. Папата ги поттикна присутните да се соочуваат со важни општествени прашања со силата на љубовта, за општото добро.
Папата Лав XIV на 28 август, прими делегација од избрани претставници и граѓански службеници од Вал-де-Марн, од француската бискупија Кретел, кои учествуваат на ходочестие во Рим.
Изразувајќи радост што може да ги прими на нивниот пат на верата, ги повика да се вратат на своите секојдневни обврски зајакнати во надежта, поцврсти во настојувањето да изградат поправеден, похуман и побратски свет – свет исполнет со Евангелието. „Соочени со различни девијации кои ги обележуваат нашите западни општества, ние, христијаните, не можеме да направиме ништо подобро од тоа да се обратиме кон Христос и да ја побараме Неговата помош за исполнување на своите одговорности“, истакна Светиот Отец.
Вашиот пат е од големо значење и корист за мажите и жените на кои им служите. Тоа е уште повеќе достојно за пофалба, имајќи предвид дека во Франција, поради понекогаш погрешно сфатената лаичност, избраните функционери тешко можат да дејствуваат и да одлучуваат во согласност со својата вера додека извршуваат јавни функции, додаде Папата.
Спасението што го оствари Исус со Својата смрт и воскресение ги опфаќа сите димензии на човечкиот живот – културата, економијата и работата, семејството и бракот, почитувањето на човечкото достоинство и животот, здравјето, комуникацијата, образованието и политиката. Христијанството не може да се сведе на обична приватна побожност, затоа што тоа вклучува начин на живеење во заедништво исполнето со љубов кон Бог и ближниот, кој во Христос повеќе не е непријател, туку брат, предупреди Светиот Отец и продолжи:
Вашиот регион и просторот на вашето служење се соочуваат со големи општествени предизвици, како што се насилството во поединечни населби, несигурноста, тешките животни услови, мрежите на трговија со дрога, невработеноста, исчезнувањето на заедништвото… За да може успешно да се соочи со овие предизвици, христијанскиот функционер ја црпи својата сила од доблеста на љубовта што ја добива преку Крштението.
Папата додаде дека љубовта е Божји дар, сила способна да отвори нови патишта за решавање на проблемите на денешниот свет и за длабока внатрешна обнова на општествените структури, организациите и правните поредоци.
Во таа перспектива, љубовта станува општествена и политичка: општествената љубов нѐ поттикнува да го сакаме општото добро и да го бараме вистинското добро на секој човек. Затоа христијанскиот функционер е добро подготвен да се соочи со предизвиците на современиот свет – во мерата во која ја живее и сведочи својата вера и својот личен однос со Христос. Промовирањето на „вредностите“ – колку и да се евангелски – ако се лишени од Христос, кој е нивен извор, не може да го преобрази светот.
Единствениот совет што Папата им го упати на претставниците на властите и на граѓанското општество беше да се соединуваат уште повеќе со Исус, да живеат од Него и да сведочат за Него. „Кај личноста на јавниот службеник нема поделба: постои политичар кој, под Божјиот поглед и пред сопствената совест, христијански ги живее своите обврски и одговорности.“
Ги повика да го продлабочат знаењето за социјалното учење на Црквата и да го применуваат при вршењето на своите должности и при изработката на закони. „Неговите темели се во согласност со човечката природа и со природниот закон кој секој може да го препознае – и нехристијаните, па дури и неверниците. Затоа не треба да се плаши човек да го предлага и да го брани со убеденост: тоа е учење за спасението кое има за цел добро на секој човек и изградба на мирно, складно, напредно и помирено општество.“
„Свесен сум дека отвореното христијанско делување на еден јавен функционер е тешко, особено во некои западни општества каде што Христос и Неговата Црква се маргинализирани, често игнорирани, а понекогаш и исмевани. Не ги занемарувам ниту притисоците, партиските директиви, идеолошките ‘колонизации’ – како што се изразуваше папата Фрањо – на кои се изложени политичарите. Понекогаш е потребна храброст да се каже ‘не, не можам!’, особено кога станува збор за вистината“, заклучи Светиот Отец и на сите им подели апостолски благослов.
Ватикан њуз/к.мк