„Сè што ќе ви рече, направете!”
„Сè што ќе ви рече, направете!” (Иван 2,5) – рече папата Фрањо во недела 20 јануари 2019 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан пред молитвата Ангел Господов и истакна: Тоа се зборови кои и денес треба да ги слушнеме и да ги применуваме во својот живот. Минатата недела на празникот Крштение Господово, го започнаваме патувањето низ редовното литургиско време во кое го следиме Исус во Неговиот јавен живот и посланието поради кое Отецот го испрати во светот.
Во Евангелието од денешната Литургија (Иван 2,1-12) се сретнуваме со извештајот за првото чудо на Исус – рече Папата и потсети: Првото од тие посебни чуда се случи во Кана Галилејска за време на една свадба. Не е случајност што на почетокот од јавното делување на Исус се случува свадбена веселба, затоа што таму Бог се венча со човештвото.
Тоа е радосната вест, иако оние кои го познавале уште не знаеле дека со нив на масата седи Синот Божји и дека тој е вистинскиот Свршеник – рече Светиот Отец и објасни: Всушност целото таинство во Кана се темели на присутноста на тој божествен Свршеник, Исус, кој започна да се објавува. Имено, Исус се покажува како свршеник на Божјиот народ кој што го навестија пророците и ни ја открива длабочината на односите кои нѐ соединуваат со Него. Тоа е новиот сојуз на љубовта.
Во контекст на тој сојуз потполно се сфаќа смислата на виното како знак кој е во центарот на тоа чудо – рече Папата и продолжи: Токму кога славењето било најубаво, снемало вино. Богородица забележува и му вели на Исус: „Немаат вино!“ (Иван 2,3). Писмата, посебно пророците, укажувале на виното како на карактеристичен елемент на месијанската гозба. Водата е потребна за да живееме, но виното искажува изобилна гозба и радост на веселбата. Претворувајќи ја водата во вино, која се наоѓала во садовите кои служеле за еврејското обредно миење, Исус направи уверлив знак, Мојсеевиот закон го претвора во Евангелие, носител на радоста.
Зборовите кои Марија ги упатува на слугите се круна на брачната слика во Кана: „Сè што ќе ви рече, направете!” (Иван 2,5) – рече Папата и додаде: Па и на нас Богородица ни вели: „Сè што ќе ви рече, направете!” Тие зборови се скапоцено наследство која ни ги остава нашата Мајка. Навистина, слугите ја послушале во Кана. Исус им вели: „Наполнете ги садовите со вода!” И тие ги наполнија догоре. Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!” И му однесоа“ (Иван 2,7-8). Навистина на таа свадба е склучен Новиот Завет и на слугите Господови, односно на целата Црква ѝ е доверено ново послание.
„Сè што ќе ви рече, направете!” – повтори Папата и напомена: Да му се служи на Господ значи да се слуша и да се врши Неговото слово. Тоа е едноставна и важна препорака од Исусовата Мајка; тоа е програма за христијански живот. Кога сме во тешки ситуации, кога се случуваат проблеми кои не знаеме да ги решиме, кога чувствуваме загриженост и тешкотија, кога ни недостасува радоста, треба да одиме кај Богородица и да кажеме: Немаме вино. Снема вино; погледни какви сме, погледни ги нашите срца и радост. Тоа е потребно да ѝ се каже на Мајкатата и таа ќе отиде кај Исус и ќе му каже дека немаме вино. Потоа ќе се врати и ќе ни рече: Сè што ќе ви рече, направете!
Да нацрпиме од тој сад за секој од нас, значи да се има доверба во Божјото слово и светите Тајни како во својот живот би ја искусиле Божјата милост. Значи и ние како старосватот кој ја проба водата претворена во вино, можеме да воскликнеме: „Ти си го зачувал доброто вино за сега” (Иван 2,10). Нека Блажена Дева Марија ни помогне да го следиме Исусовиот повик како би можеле во потполност да се отвориме, препознавајќи ги знаците во секојдневниот живот. Неговата присутност која оживува – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк