Папата: Христијанската надеж е во спасението

Папата: Христијанската надеж е во спасението

Носете ја надежта за спасение како шлем (1Сол 5, 8), свесни дека предметот на нашата надеж е сигурен, бидејќи Господ наш Исус Христос воскресна – порача папата Фрањо на Генералната аудиенција на 1 февруари 2017 година во салата Павле VI.

Светиот Отец продолжи со серијата катехези за христијанската надеж, а како појдовна точка го зеде најстариот новозаветен текст – Првото Послание на свети Павле до Солунјаните. Во тоа Послание свети Павле ја охрабрува младата христијанска заедница – која со радост го слави Исусовото воскресение – да верува дека воскресното таинство има конкретен ефект и за верниците. Папата нагласи дека сомнежите кои ги имала заедница од Солун нѐ погодуваат и нас:

„Ова послание е надвремено,“ истакна Светиот Отец. „Секој пат кога се соочуваме со сопствената смрт или со смрт на сакана личност, чувствуваме дека нашата вера е ставена на искушение. Сите наши сомнежи и нашата кревкост излегуваат на видело и се прашуваме: „Постои ли навистина живот после смртта?“ Ова прашање исто така пред неколку дена ми го постави една жена за време на аудиенција: „Дали ќе се сретнам со своето семејство?“

Потполно е разбирливо да се плашиш од смртта – продолжи папата Фрањо – никој не е имун на неа. Но, Папата ги предупреди присутните дека христијанската надеж е поинаква од вообичаеното сфаќање на надежта. Во секојдневниот живот надежта обично ја сфаќаме како нешто што го сакаме, а што може, но и не мора да се оствари. На пример, се надеваме дека утре ќе биде добро времето, а би можело да биде грозно. Тоа не одговара на христијанското сфаќање на надежта. Христијанската надеж е „надеж во спасението“; тоа е надеж која ја носиме на главата како „шлем“ и која е насочена кон нешто што – во нас – веќе се исполнило. Се работи за тоа да научиме да живееме во исчекување. Светиот Отец воедно понуди конкретен пример како да се оствари тоа:

„Кога жената ќе сфати дека е бремена, секој ден учи да живее во исчекување дека ќе го види погледот на детето кое доаѓа… И ние мораме да живееме и да учиме од тие човечки исчекувања и живеејќи во исчекувањето на гледањето, за пронаоѓање на Господ. Тоа не е лесно да се оствари, но може да се научи: да се живее во исчекување“, рече папата Фрањо.

Меѓутоа, овој став на исчекување претпоставува понизно срце – нагласи Папата. Оној кој е исполнет со самиот себе и со своите земски добра, не може да верува на никој друг освен на самиот себе. Светиот Отец рече дека во Посланието на свети Павле посебно го допрела сигурноста со која Павле ја најавува иднината на полно заедништво со Господ: „И така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1 Сол 4, 17). „Тоа е убава работа“, продолжи Папата, сѐ ќе помине, но после смртта засекогаш ќе бидеме со Господ. Тоа е сигурноста на надежта; и тоа истата сигурност која ја изрази Јов кога рече: „Но, јас знам, Искупителот мој е жив… Јас сам ќе го видам“ (Јов 19, 25. 27) И така секогаш ќе бидеме со Господ – рече на крајот папата Фрањо.

***

Во својата порака на твитер објавена на 1 февруари 2017 година, Светиот Отец го порача следното: „Бог сака сите да се гледаме едни на други како браќа и да живееме како браќа, обликувајќи големо човечко семејство кое е во согласност во својата различност.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот