Во среда 31 мај 2017 година на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо зборуваше за поврзаноста на христијанската надеж и Светиот Дух, кој прави да се надеваме „без никаква основа за надеж“. Христијанската надеж – во Духот и благодарејќи на Светиот Дух – опстојува и покрај тоа што секоја човечка надеж потклекнува. Во продолжение го пренесуваме целосниот текст од аудиенцијата.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во пресрет на празникот Духовден, не можеме да не зборуваме за односот кој постои меѓу христијанската надеж и Светиот Дух. Духот е ветар кој нѐ турка напред, кој нѐ држи во движење; прави да се чувствуваме поклоници и странци и не дозволува да се задоволиме и да станеме „седечки“ народ.
Посланието до Евреите ја споредува надежта со сидро (сп. 6,18-19); а кон тоа може да ја додадеме и сликата на едро. Ако сидрото е она што на коработ му дава сигурност и го држи „закотвен“ во брановите морски, едрото е она што го придвижува и преку кое напредува во водата. Надежта навистина е како едро, го собира ветарот на Светиот Дух и го претвора во движечка сила која го турка коработ, зависно од случајот, кон морската шир или кон брегот.
Апостолот Павле го завршува своето послание до Римјаните со иста желба. Добро слушнете ја убавата желба: А Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.“ (15,13) Да размислуваме за содржината на овие убави зборови.
Изразот „Бог на надежта“ не значи само дека Бог е објект на нашата надеж, дека Тој е Оној на кој се надеваме дека ќе дојдеме кај него еден ден, во вечниот живот; тоа исто така значи дека Бог е оној кој веќе сега ни дава да се надеваме, па и во надежта да бидеме радосни (Римјаните 12,12): радосни, сега да се надеваме, но не само да се надеваме дека ќе бидеме задоволни. „Додека има живот, има и надеж“, вели народната поговорка, а вистината е и обратна: сѐ додека има надеж има и живот. Луѓето треба да се надеваат како би живееле, и имаат потреба од Светиот Дух како би се надевале.
Слушнавме, свети Павле му препишува на Светиот Дух способност дури и да ни даде „изобилство на надеж“. Изобилство на надеж никогаш да не бидеме обесхрабрени; значи да се надеваме „без никаква основа за надеж“ (Римјаните 4,18); односно да се надеваме и тогаш кога ќе престанат сите човечки причини за надевање, како што било и кај Авраам, кога Бог од него побара да го жртвува Исак својот син единец, или како што уште повеќе побара од Девицата, која стоеше под Исусовиот Крст.
Светиот Дух ја овозможува оваа непобедлива надеж, давајќи ни внатрешно сведоштво дека сме деца Божји и негови наследници (сп. Римјаните 8,16). Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, како да не ни подари со Него сè? (сп. Римјаните 8,332) Драги браќа и сестри, надежта не посрамува. Надежта не посрамува, бидејќи љубовта Божја е разлеана во нашите срца, преку Светиот Дух, кој ни е даден (сп. Римјаните 5,5).
Не посрамува поради ова: поради тоа што во нас е Светиот Дух, кој нѐ турка да одиме напред секогаш напред и поради тоа надежта не посрамува…!
Има уште да се зборува за тоа… Светиот Дух нѐ прави способни – не само да се надеваме, туку и да бидеме сејачи на надежта, и ние исто така – како и тој и благодарејќи на него – да бидеме „утешители“ и бранители на браќата. Сејачи на надеж. Христијанинот може да сее горчина, може да сее несигурност и тоа не е христијанин. И ти, ако така правиш, не си добар христијанин. Сеј надеж, елеј на надеж, парфем на надеж, а не оцет, горчина и безнадежност.
Блажениот кардинал Њуман во еден свој говор, зборувајќи им на верниците рече: „поучени од своето сопствено страдање, своите сопствени болки, па и своите сопствени гревови, ќе имаме извежбано срце и ум за секое дело на љубовта кон оние кои имаат потреба од неа. Во мера на своите способности, ќе бидеме утешители, преку сликата на Утешителот, односно Светиот Дух, во секоја смисла на тие зборови: застапници, помошници, носители на утеха. Нашите зборови и совети, начинот на нашето делување, нашиот глас, нашиот поглед, ќе бидат љубезни и смирувачки (Парохиски и обини проповеди, том V, Лондон, 1870, стр. 300).
Токму сиромашните, исклучените и несаканите, тие кои имаат потреба од некој, за нив да се стане „параклет“ односно утешител и бранител. Како што тоа го прави Светиот Дух –за секој од нас присутните овде на плоштадот – утешител и бранител. И ние треба да го правиме истото за оние во најголема потреба, најотфрлените, за оние кои се во најголема потреба и за оние кои многу трпат — бранители и утешители…
Светиот Дух ја храни надежта не само во срцата на луѓето, туку и во сите созданија. Апостол Павле – ова изгледа малку чудно, но е вистина – вели дека и созданијата „воздивнуваат во исчекување на посинувување и откупување на нашето тело (сп. Римјаните 8, 20-22). „Енергијата која може да го придвижи светот не е анонимна и слепа сила, туку тоа е Божјиот Дух“, кој на почетокот на создавањето лебдеше над водата (1 Мојсеева 1,2); (Бенедикт XVI, Проповед, 31 мај 2009 година). И тоа нѐ поттикнува да го почитуваме создаденото; не може да се уништи некоја слика, а да не го навреди уметникот кој ја насликал.
Нека празникот Духовден – кој е роденден на Црквата – нѐ затекне сложни во молитвата со Марија, Исуовата и нашата Мајка. Нека дарот на Светиот Дух ни даде изобилство на надеж. Ќе кажам и повеќе од тоа: нека направи да ја излеваме надежта кон сите оние кои се во најголема потреба, најотфрлените и кон сите во потреба… Ви благодарам.
РВ/к.мк