Папата: Христијанинот служи веднаш и со радост

За светот да се промени треба да научиме да служиме и да им одиме во пресрет на другите. Служењето и средбата ни даваат да ја искусиме радоста која го исполнува животот – рече папата Фрањо на светата Литургија на 31 мај 2016 година.

За светот да се промени треба да научиме да служиме и да им одиме в пресрет на другите – рече папата Фрањо на светата Литургија на 31 мај 2016 година во домот Света Марта во рамките на размислувањата за Пресвета Богородица, на последниот ден од богородичниот месец мај. Служењето и средбата – рече Папата – ни даваат да ја искусиме радоста која го исполнува животот.

Женската храброст, способноста да се оди во пресрет на другите, раце испружени во знак на помош и грижа и радоста која го исполнува срцето на животот му дава смисла и нова насока – се некои од точките од размислувањето на папата Фрањо, поттикнат од денешниот евангелски дел за посетата на Марија на Елисавета кој заедно со зборовите на пророк Софонија и на свети Павле ја оцртаа литургијата со „многу радост“ која доаѓа како здив на „свеж воздух“ и ги исполнува „нашите животи.“

Тажни христијани – непотполни христијани

Колку е грдо да се видат христијани со искривени лица, тажни христијани. Тие не се во целост христијани. Веруваат дека тоа се, но не се во целост. Таа е христијанската порака. Во атмосфера на радоста која ни ја дарува денешната Литургија би сакал да истакнам само две работи: прво одреден став; второ еден факт. Ставот е служењето – рече папата Фрањо.

Блажена Дева Марија служи без двоумење. Таа како што стои во Евангелието „поита“ кај Елисавета и покрај тоа што била бремена и што патот бил опасен заради разбојници. „Таа е девојка од шеснаесет, седумнаесет години, не повеќе“ – рече Светиот Отец – „била храбра. Станала и отишла без двоумење.

Служење со радост

Храбрите жени во Црквата, како Пресвета Богородица, го носат семејството и жените го носат воспитанието на децата, се соочуваат со толку неволји, толку болки, се грижат за болните… Тие се храбри: стануваат и служат. Служењето е христијански знак. Некорисен е животот на оној кој не живее за да служи. Служење со радост – тоа е ставот кој би сакал денес да го истакнам. Постои радост и во служењето – нагласи Светиот Отец.

Осврнувајќи се на средбата помеѓу Марија и Елисавета рече дека тие две жени се сретнале во радоста. Тој момент бил „целосно славенички“. Светот би се променил кога би научиле да им одиме во пресрет на другите – рече папата Фрањо додавајќи:

Не е во целост христијанин оној кој не оди в пресрет на другиот

Средбата е уште еден знак на христијанинот. Човекот кој вели дека е христијанин, а не може да оди во пресрет на другите, да се среќава со другите не е во целост христијанин. И служењето и средбата бараат да излеземе од самите себе: да излеземе за да им служиме и да го среќаваме другиот, да го прегрнеме другиот човек. Во тоа служење на Марија, во таа средба, се обновува Господовото ветување, станува присутно во сегашноста. Токму Господ е во служењето, во средбата – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот