Папата сака да стане и „ходочесник на надежта“, затоа на 26 декември 2024 година, на празникот Свети Стефан, ќе отвори Света врата во затворот Ребибија. Ова го истакна надбискупот Рино Физикело на прес-конференција одржана на 28 октомври 2024 година во Ватикан.
Отворањето на Светата врата во римскиот затвор Ребибија, како симбол на сите затвори во светот, ќе биде важен знак за објавата на надежта на затворениците и духовната близина на Фрањо со луѓето кои се во затвор.
Папата во булата Spes non confundit, со која ја најави прославата на Светата година во Црквата, лично ја објави својата намера да отвори јубилејна света врата во затвор.
„Во јубилејната година повикани сме да бидеме опипливи знаци на надеж за многу браќа и сестри кои живеат во тешки услови. Мислам на затворениците кои, лишени од слобода, покрај товарот на затворот, доживуваат и емоционална празнина, наметнати ограничувања и во некои случаи недостаток на почит. Им предлагам на сите влади во текот на јубилејната година да излезат со иницијативи кои ќе ја вратат надежта; форми на амнестија или намалување на казните со цел да им се помогне на луѓето да ја вратат вербата во себе и во општеството; начини на реинтеграција во општеството кои се придружени со конкретна обврска за почитување на законот“, напиша Светиот Отец во тој документ.
Јубилејот 2025 година свечено ќе започне со отворањето на Светата врата во ватиканската базилика Свети Петар, која Папата ќе ја отвори за време на светата Литургија на Бадник, 24 декември 2024 година.
Ватикан њуз/к.мк