Папата Фрањо тргнува за Рио за да ја врати надежта кај младите

Ватикан, 18.7.2013 /к.мк/ – На 22 јули папата Фрањо ќе тргне за Рио де Жанеиро, за да учествува во Светскиот ден на младите (СДМ). Кулминација ќе биде молитвеното бдеење и завршната миса во Гуаратиба, покрај Рио. Првата средба на Папата со младите ќе се одржи на плажата Копакабана на 24 јули.

Точно пред четири месеци, на 24 март, на плоштадот Свети Петар во Рим беше прославен празникот Цветници заедно со 28-от Светски ден на младите на епархиско ниво – една „генерална проба“ за мегасредбата на Копакабана. Уште тогаш, пред повеќе од 200 илјади луѓе, папата Фрањо упати силен повик до младите:

„Не дозволувајте да ви се одземе надежта“; „покажете на светот колку е убаво да го следиме Исус“; „Христијанинот не може да е тажен бидејќи Крстот води кон радоста“.

Го гледм вашето големо присуство на процесијата со палмови гранчиња“, рече Папата, потсетувајќи дека од пред 28 години празникот Цветница е синоним за Светскиот Ден на младите. Посебен празник за младите, кој покажува дека „имате важен дел во празникот на верата“: „Вие ни ја носите радоста на верата и ни покажувате како да ја живееме со младинско срце, дури и на седумдесет или осумдесет години! Со Христос, срцето никогаш не старее!“.

„Да не бидете никогаш тажни: еден христијанин не може да биде таков! Не дозволувајте да паднете во заробеништвото на очајот! – повика Папата. Нашата радост не е во поседувањето на многу нешта, туку се раѓа од средбата со Исус, кој е меѓу нас. Радоста се раѓа од увереноста дека не сме сами, дури и во најтешките моменти, дури и кога во животот се соочуваме со проблеми и пречки кои изгледаат несовладливи и кои не се малку (…) Во тој момент доаѓа непријателот, доаѓа ѓаволот, многу пати преправен како ангел, кој нè искушува. Не го слушајте! Да го следиме Исус!“.

Папата размислувајќи за Светскиот ден на младите во Рио посака да помине „во знакот на Иван Павле II и Бенедикт XVI: Ќе се видиме во овој голем град во Бразил! Подгответе се во вашите заедници, пред се духовно, за да може оваа средба да биде знак на верата за целиот свет“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<