Папата Фрањо: Со дарот на совет Бог ни го осветлува животот

На Генералната аудиенција во среда 7 мај 2014 на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец продложи да зборува за даровите на Светиот Дух. Во катехеза говореше за дарот на совет. Католици.мк ја пренесува катехезата на папата Фрањо во целост.

*******************************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Го слушнавме пред малку читањето од делот од Книгата Псалми каде се вели: „Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас“ (Пс 15,7). Тоа е уште еден дар на Светиот Дух: дарот на совет. Знаеме колку ни е важно, посебно во најчувствителните моменти, да можеме да сметаме на советите на мудри луѓе и луѓе кои нѐ сакаат. Преку дарот на совет пак, самиот Бог, со својот Дух го просветлува нашето срце, така што ни дава да ги сфатиме вистинските зборови кои треба да ги кажеме и вистинскиот став кој треба да го заземеме на патот по кој треба да одиме. Но, како тој дар делува во нас?

1. Во моментот во кој го прифаќаме и го примаме во нашето срце Светиот Дух веднаш почнува да нѐ прави чувствителни на неговиот глас и ги насочува нашите мисли, нашите чувства и нашите накани кон Божјото срце. Тој истовремено постојано нѐ поттикнува сѐ повеќе да го управуваме погледот на своето срце на Исус како пример за нашиот начин на делување и нашиот однос со Бог Отец и браќата. Советот е дар кој Духот ја оспособува нашата совест да направи конкретно определување во заедништво со Бог според Исусовата и евангелската логика. На тој начин Светиот Дух дава да растеме внатрешно, ни дава да растеме во позитивна смисла, ни дава да растеме во заедништво и ни помага да не паднеме во замката на себичноста и сопствениот начин на гледање на работите. Така Духот ни помага да растеме живеејќи во заедништво. Важен услов за зачувување на тој дар е молитвата. Секогаш се враќаме на иста тема: молитвата! Но молитвата е многу важна. Треба да ги молиме молитвите кои ги знаеме уште од мали нозе, но и да молиме со свои зборови. Да го молиме Господ: „Господи, помогни ми, советувај ме што морам сега да направам?“ А со молитвата создаваме простор за Светиот Дух да ни дојде и да ни помогне во тој момент, да нѐ советува за она што сите мораме да го правиме. Молитва! Никогаш не ја заборавајте молитвата! Никој, апсолутно никој не забележува кога молиме во автобус, на улица: да молиме во тишина на срцето. Да ги искористиме тие моменти за молитва, да го молиме Светиот Дух да ни го даде дарот на совет.

2. Во интимноста со Бог и во слушањето на неговото Слово, малку по малку ја оставаме на страна својата сопствена логика, која многу пати е диктирана од нашата затвореност, нашите предрасуди и нашите амбиции и да учиме напротив да го прашуваме Господ: што сакаш ти? Која е твојата волја? Што ти се допаѓа тебе? На тој начин во нас созрева длабока согласност, скоро сраснатост со Духот и стануваме свесни колку се вистински Исусовите зборови кои ги дава Евангелието по Матеј: „не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете; бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.“ (Мт 10, 19-20)

Духот нѐ советува, но ние мораме да му дадеме простор на Духот за да може да нѐ советува. А да му дадеш простор на Духот значи да молиш, да молиш Тој да дојде и секогаш да ни помага.

3. Како и сите други дарови, така и дарот на совет претставува богатство за целата христијанска заедница. Господ не ни зборува само во интимноста на срцето, туку ни зборува и низ гласот и сведоштвото на браќата. Навистина е голем дар да можеш да сретнеш мажи и жени на верата кои посебно во најсложените и најважните моменти на нашиот живот ни помагаат да внесеме светло во нашето срце за да ја препознаеме волјата Господова!

Се сеќавам еднаш во светилиштето во Лухан бев во исповедалница пред која имаше долг ред. Во редот се наоѓаше и младо момче, модерен од глава до пети, со обетки, тетоважи, со сите тие работи… И дојде да ми каже што му се случува. Тоа беше голем тежок проблем. И ми рече: сето тоа и го раскажав на мајка ми и мама ми кажа: Оди кај Богородица и таа ќе ти каже што да правиш. Ете жена која го имала дарот на совет! Не знаела како да му помогне на својот син за да се ослободи од својот проблем, но му го покажала вистинскиот пат: оди кај Богородица, таа ќе ти каже. Тоа е дарот на совест. Таа скромна, едноставна жена му го дава на синот најисправниот совет. И тоа младо момче ми рече: ја гледав Богородица и почувствував дека морам да го направам тоа, тоа и тоа… Јас не морав да зборувам, неговата мајка и младото момче веќе сѐ кажаа. Тоа е дарот на совет. Вие мајки кои го имате тој дар, измолете го и за вашите деца, дарот на советување на децата е Божји дар.

Драги пријатели, Псалм 15 кој го слушнавме нѐ повикува да молиме со овие зборови: „Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас. Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам.“ (Пс 15, 7-8). Нека Светиот Дух секогаш ја излева во нашето срце таа сигурност и така да нѐ исполни со својата утеха и со својот мир! Молете секогаш за дарот на совет!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот