Папата Фрањо: Славете Го Господа!
Молитва на славење нè прави плодни – рече папата Фрањо во проповедта за време на утринската Света Литургија во капелата на домот Света Марта. Коментирајќи го веселото играње на царот Давид за кој говори Втората книга Царства, Папата рече дека затворањето во формалност ја прави нашата молитва ладна и неплодна.
Папата ја започна проповедта говорејќи за Давидовото играње: Со воодушевување играше Давид пред Господ. Целиот Божји народ славеше бидејќи Божјиот ковчег се врати дома. Славењето на Господ го оддалечи Давида од вообичаените молитвени оквири; со сите сили играше пред Господ. Тоа беше вистинска молитва – рече Папата, додавајќи дека слушајќи ги читањата од Стариот Завет помислил на однесувањето на Сара, после раѓањето на Исак: „Господ направи да скокам од радост“.
Таа старица, како и младиот Давид, од радост играше пред Господ. Лесно ја сфаќаме молитвата на прозба, кога нешто молиме од Господ; исто така и молитвата на благодарење, кога му заблагодаруваме на Господ. Не е тешко да се сфати ни поклоничката молитва, но молитвата за славење ја оставаме на страна; не ни доаѓа спонтано – објасни Папата.
’Ама, оче, тоа е за членовите на Обнова во Светиот Дух, а не за сите христијани’! Не, молитвата за славење е христијанска молитва, за сите христијани. Во Светата Литургија, кога пееме Свет, тоа е молитва на славата; ја славиме Божјата величина и Му говориме сè најубаво, бидејќи сакаме така да биде. ’Ама, оче, јас не сум способен…’ Треба… Способен си да викаш кога клубот за кој навиваш ќе постигне гол, а не си способен да му благодариш на Господ? Да се излезе малку од своето вообичаено однесување? Да се слави Господ не кошта ништо. Не молиме за ништо, не благодариме за ништо – Го славиме – истакна папата Фрањо.
Со сето срце треба да молиме, продолжи Папата, а тоа е и чин на праведност, бидејќи Бог е велик и Тој е наш Бог. Давид беше пресреќен, бидејќи Божјиот ковчег се врати; бидејќи Господ се врати. Дури и неговото тело “молеше“ играјќи. Денес можеме да си поставиме вистинско прашање: Како јас Го славам Господ? Дали знам да Го славам Господ? Дали знам да Го славам Господ кога молам ’Слава на Бога’ и ’Свет’, го правам ли тоа само со усните или со целото срце? Што ми говори Давид кој игра и Сара која скока од радост? Кога Давид влезе во градот започна поинакво славење – рече светиот Отец.
Радоста на славата нè поттикнува на славење; на семејно славење. Папата потсети дека Михала, Сауловата ќерка, го укорила Давид кога влегол во царскиот двор и го запрашала дали не се срами затоа што, тој како цар, онаков (гол) играл пред сите? Го презрела Давид. Се прашувам колкупати во своето срце ги презираме добрите личности, добриот народ кој Го слави Господ онака како што знае, спонтано, бидејќи не се учени и не ги следат формалните упатства. Да, презир! А Светото Писмо вели дека Михала поради тоа целиот живот останала без рожба.
Што сака со тоа да ни каже Словото Божјо? Дека радосната молитва на слава нè прави плодни. Сара играла во големиот момент на својата плодност, а имала деведесет години. Тоа е плодноста која ни овозможува да Го славиме Господ, бесплатно да Го славиме. Маж или жена, кои Го фалат и слават Господ и се радуваат кога можат да Го слават; кои се веселат кога во Литургијата пеат ’Свет’ – се плодни – заклучи Светиот Отец.
Напротив – предупреди Папата – оние кои се затвораат во формалноста на ладна и одмерена молитва, можеби завршуваат како Михала: во стерилноста на сопствената формалност. Папата повика на размислување за Давид кој со сета сила игра пред Господ и за убавината на молитвата на славење на Господ. Ќе ни користи повторувањето на зборовите на припевниот псалм: „Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подигнати вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата! Господ над војските Тој е Цар на славата“! – заклучи Светиот Отец.
РВ/С.С.