Папата Фрањо: Се надевам дека Светското фудбалско првенство ќе биде празник на солидарноста меѓу народите
Папата Фрањо упати видео порака до организаторите, играчите и навивачите на Светското фудбалско првенство кое започнува на 12 јуни во Бразил. Во пораката на португалски јазик што ја емитуваше бразилската ТВ мрежа „ТВ Глобо“, Папата изразува надеж дека заедно со спортското славење, Светското првенство ќе стане и прослава на солидарноста меѓу народите.
Во пораката се истакнува дека спортот не е само облик на забава, туку и средство што посредува со вредностите како што се чесноста, упорноста и издржливоста, пријателството, сооучеството и солидарноста – кои ги поттикнуваат луѓето на добро и помагаат да се изгради мирољубив и братски соживот. Папата Фрањо и самиот љуботел на фудбалот, во пораката изрази надеж дека натпреварите ќе поминат во духот на меѓусебното почитување и „братството меѓу мажите и жените кои припаѓаат на истото човечко семејство“, а со тоа заедно оди и откажувањето од секаков вид на егоизам и од секој облик на расизам и неподносливост.
Пораката на Папата по повод Светското фудбалско првенство говори за важноста на спортот во моралното воспитување, бидејќи спортот учи за важноста на дисциплината, напорот и жртвите за да се постигне и да се сочува посебноста, станувајќи постојан потсетник за неопходноста од жртви за растот во вредностите што го изградуваат значењето на секоја личност. Фудбалот, се истакнува во пораката на папата Фрањо, може и треба да биде училиште за воспитување на „културата на среќавање“, која води до склад и мир меѓу луѓето, изучувајќи ги вредностите на фер – плејот и автентичната тимска работа.
Папата во пораката по повод Светското фудбалско првенство проговори и за индивидуализмот што во спортот ја намалува можноста за победа на екипата, а во секојдневниот живот му штети на општеството. Тајната на победата на спортскиот терен како и во секојдневниот живот е во тоа да ја почитуваме сопствената екипа, но и своите противници. „Никој сам неможе да победи, ниту во животот ниту во спортот“, предупреди Папата, додавајќи дека никој не смее да се чувствува изолирано и исклучено. На крајот на Светското фудбалско првенство само една екипа добива пехар, но „ако ја научиме таа спортска лекција, на крајот сите ќе бидеме победници“, истакна Папата.
РВ/В.Н.