Папата Фрањо на надбискупот на Апарецида монс. Орландо Брандес му ги вети своите молитви, а на сите Бразилци им препорача во овој тежок момент да се доверат на Пресвета Богородица од Апарецида.
Папата Фрањо во средата на 10 јуни телефонски разговарал со монс. Орландо Брандес надбискуп на Апарецида во Бразил, најтешко погодена земја во Латинска Америка од пандемијата и втора во светот по бројот на заразени од коронавирусот. Околу 40.000 луѓе починаа во таа земја како последица на болеста Ковид-19, додека вкупниот број на случаи изнесува скоро 800.000. Светиот Отец во разговор со надбискупот изрази наклонетост и солидарност со бразилскиот народ и ги вети своите молитви и љубов кон Пресвета Богородица од Апарецида.
Кажете му на бразилскиот народ дека не само што се молам за сите вас, туку секогаш ве следам со срцето – се зборовите на Светиот Отец кои надбискупот Брандес ги пренесе во интервју, зборувајќи за тој голем дар во пресрет на Празникот на Пресветата Евхаристија. Папата Фрањо гарантирајќи ги своите молитви ја препорача молитвата до Пресвета Богородица од Апарецида кон која тој негува посебна побожност чија статуа во септември 2016 година е поставена во Ватиканските градини.
Светиот Отец во разговорот со надбискупот исто така потсети на својата посета на Апарецида во 2007 година, во текот на петтото пленарно заседание на латиноамериканските епископи, како и на апостолската посета во 2013 година по поводот Светскиот ден на млади во Рио де Жанеиро. Присетувајќи се дека во таа прилика во рацете ја држел статуата на Пресвета Богородица, Папата на надбискупот и на сите Бразилци им препорача да побараат утеха во прегратката на Пресвета Богородица од Апарецида.
Папата Фрањо во разговор освен тоа го спомна и свети Јосиф де Анкиете мисионер исусовец од Шпанија „апостол на Бразил“ чиј споменден се слави на 9 јуни. Поздравувајќи го надбискупот на Апарецида, Светиот Отец ги поттикна Бразилците да бидат храбри и да имаат вера.
Потсетуваме дека на 25 април телефонски разговараше со надбискупот на Манаус монс. Леонардо Штајнер, а на 9 мај со надбискупот на Сао Паоло, кардиналот Одил Педро Шерер. Со тие три повици срцето на нашиот Папата кој нè следи како татко чука многу блиску до нашето – рече на крајот Орландо Брандес.
Ватикан њуз/к.мк