Папата Фрањо: Семејните мрежи се противотров за осаменоста

Папата Фрањо: Семејните мрежи се противотров за осаменоста

Европа, а особено семејствата на тој континент, живеат во време кое за многумина е трагично и за секого драматично поради војната во Украина. Ова го истакна папата Фрањо во обраќањето до членовите на Сојузот на католичките семејни здруженија во Европа, присутни во Рим на 25. годишнината од делувањето.

Семејствата се тие кои беа и сѐ уште се во првите редови во прифаќањето бегалци – особено во Литванија, Полска и Унгарија. Посланието на Сојузот на католичките семејни здруженија во Европа е во согласност со синодалниот од, кој се обидува да обезбеди Црквата сè повеќе да станува семејство, кое го сочинуваат семејства, рече Папата, кој се осврна на многуте предизвици и прашања со кои се соочува семејството на 21 век. Сојузот на католичките семејни здруженија во Европа, истакна Папата, има одговорност да сведочи за заедништвото и да работи за мир во ова историско време во кое, за жал, има бројни закани. Неопходно е да се фокусираме на она што поврзува, а не на она што разделува.

Зајакнување на мрежите и демографската зима

Обновувајќи го поттикот од 2017 година, папата Фрањо ги охрабри да продолжат да работат во корист на наталитетот и да ги зајакнуваат семејните мрежи. Итно е локалната црква, во Европа и пошироко, да биде отворена за работата на верниците и семејствата кои ги придружуваат другите семејства, додаде Папата. Зборувајќи за демографската зима која е видлива во Европа, папата Фрањо рече: Бидете внимателни! Ова е многу сериозно!

Меѓусебно поврзани предизвици

Денеска не живееме само во епоха на промени, туку промена на епохата, рече Светиот Отец. Работата на Сојузот се одвива во такво време, што понекогаш може да доведе до опасност од обесхрабрување. Но, со милоста Божја, повикани сме да работиме со надеж и вера, во делотворно заедништво со Црквата, рече Папата.

Предизвиците се големи и сите се меѓусебно поврзани. На пример, не е можно да се зборува за одржлив развој без солидарност меѓу генерациите (Laudato si, 159). Оваа солидарност, продолжи папата Фрањо, претпоставува рамнотежа; но токму оваа рамнотежа и недостига на денешна Европа.

Европа која старее, која не е генеративна, Европа која не може да си дозволи да зборува за одржливост и која сѐ повеќе се бори да биде солидарна. Папата истакна дека затоа Сојузот често нагласува дека семејните политики не треба да се сметаат за инструменти на државната моќ, туку првенствено се засноваат на интересите на самите семејства. Државите имаат задача да ги елиминираат пречките за генеративната природа на семејството и да препознаат дека семејството е општо добро што треба да се наградува, со природни позитивни последици за сите, рече тој.

Семејството како најдобар пример за оптимизација на ресурсите

Папата се осврна и на Резолуцијата на Сојузот, во која се вели дека имањето деца никогаш не смее да се смета за недостаток на одговорност за сѐ што е создадено или за неговите природни ресурси. Концептот на „еколошки отпечаток“ не може да се примени на децата, бидејќи тие се незаменлив ресурс за иднината. Наместо тоа, треба да се решат консумеризмот и индивидуализмот, гледајќи ги семејствата како најдобар пример за оптимизација на ресурсите. (FAFCE, Семејства за одржлив и интегрален развој, 26 октомври 2021 година).

Порнографија – закана за јавното здравје

Светиот Отец се осврна и на, како што рече, „чумата“ – порнографијата која се шири насекаде по пат на интернет. Мора да се осуди како траен напад врз достоинството на мажите и жените. Не станува збор само за заштита на децата – што е итна задача на владите и на сите нас, рече Папата, туку и за прогласување на порнографијата за закана за јавното здравје.

Како што рече, би било сериозна илузија да се мисли дека општеството во кое ненормалното консумирање секс на интернет е распространето меѓу возрасните е способно ефективно да ги заштити малолетниците (Говор пред учесниците на Конгресот „Достоинство на детето во дигиталниот свет“, 6 октомври , 2017). Семејните мрежи, во соработка со училиштата и локалните заедници, се од суштинско значење за спречување и борба против оваа чума.

Достоинството на мажите и жените е загрозено и од нечовечката и сè пораспространета практика на „изнајмени утроби“, во кои жените, речиси секогаш сиромашни, се експлоатирани, а децата се третираат како роба, додаде Светиот Отец.

Пандемија на осаменост

На крајот, Папата се осврна на предизвикот што го откри пандемијата – пандемијата на осаменоста. Многу семејства повторно го открија својот идентитет како „домашна црква“, но има премногу семејства кои доживеале осаменост и нивниот однос со Светите Тајни често станува исклучиво виртуелен, рече Светиот Отец. Семејните мрежи, додаде тој, се противотров за осаменоста. По својата природа, тие се повикани да не остават никого зад себе, во заедништво со пастирите и локалната Црква.

Прва станица на нашите заедници

Семејството засновано на брак е во центарот, рече папата Фрањо. Таа е првата станица на нашите заедници и како такво мора да се препознае во својата генеративна, единствена и незаменлива функција. Не затоа што е идеална и совршена целина, не затоа што е идеолошки модел, туку затоа што го претставува природното место на првите врски и генерации.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот