Во писмото кое го испрати до бразилските монаси и монахињи по повод Седмицата на посветениот живот, Папата истакна дека за да бидат дар за другите луѓе и за да служат радосно треба постојано да го свртуваат својот поглед кон Исус; во спротивно би можеле да имаат световно гледање на работите.
Движејќи се меѓу луѓето монахот може своето послание да го живее имајќи го Божјиот поглед или погледот на светот. Решението кое нема да му дозволи да отстапи е она кое важи отсекогаш – да се даде предност на молитвата – истакнува папата Фрањо во писмото до Бразилската монашка конференција, тело кое во таа земја ја организираше Седмицата на посветениот, монашки живот, која се одржува од 16 до 22 август.
Поддршката од Папата всушност започна уште во неделата кога после молитвата Ангел Господов ја поттикна малата група бразилски монаси присутни на плоштадот Свети Петар храбро да одат напред. Тие беа претставници задолжени да го следат одржувањето на седмицата од Рим – илјадници чесни сестри и монаси, членови на голем број конгрегации присутни во Бразил од кои папата Фрањо побара веродостојност на животот и ги потсети – како што стои во писмото, дека патот на повикот има свои почетоци во исксутвото на спознанието дека Бог нè љуби, дека тоа е повик на радост и дека тој се наоѓа само во себедарувањето на другите.
Од друга страна пак пред предизвиците кои пред нас ги поставува денешното општество кое доживува промена на епохата – пишува Папата, треба да бидеме внимателни за да го избегнеме искушението на световното гледање кое нè спречува да ја видиме Божјата милост како пример во животот и да нè води во потрага по било каква замена. Најдобриот лек за тоа искушение е да се даде предност на молитвата меѓу сите активности, сигурно дека така постојано ќе го свртуваме својот поглед кон Исус учејќи да живееме за да служиме – истакнува папата Фрањо.
Не преостанува затоа друго освен да си го поставиме прашањето, она истото – потсетува Папата, кое го предложив во апостолското писмо за посветените лица во 2014 година: Дали Исус навистина е првата и единствена љубов како што сме изјавиле кога сме ги дале заветите? Единствено ако тоа го направиме ќе бидеме во состојба како што е наша должност навистина милосрдно да го сакаме секој човек со кој се среќаваме на патот затоа што од Него научивме што е љубов и како да љубиме; ќе знаеме да сакаме затоа што ќе го имаме Неговото срце – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк