Папата Фрањо: Само слободната Црква е веродостојна

Папата Фрањо: Само слободната Црква е веродостојна

Во базиликата Свети Петар на празникот на првоапостолите Петар и Павле, 29 јуни 2021 година, Папата Фрањо служеше света Литургија и ги благослови палиумите, кои ги подели на новите надбискупи, митрополити од целиот свет именувани минатата година.

Во Божјата присутност слабата Црква наоѓа сила и се ослободува од гревот, смртта, обесхрабрувањето, неправдата и губењето на надежта што може да го дехуманизира животот на мажите и жените – рече Папата. Луѓето се како и Петар повикани да бидат слободни; ослободени од чувства на пораз, парализирачкиот страв и несигурност. Како Павле и верниците исто така се повикани да бидат слободни од надворешното лицемерие и сомнителната моќ, од крутите религиски ставови и страв деке нема да бидат разбрани.

Исус не ги осуди и понижи Петар и Павле, туку ги придружуваше животите на двајцата со наклонетост и близина – потсети папата Фрањо. Таков е и кон нас, ни ветува близина преку молитвеното застапништво кај Отецот, нежно нè исправува кога грешиме, како би можеле да собереме сили за да станеме.

Во исполнетата базилика Свети Петар Папата ги благослови и ги подели палиумите како литургиски знак на заедништво, кој ги обединува Петровиот престол и Петровиот наследник со митрополитите, а преку нив и со другите бискупи во светот. На светата Литургија традиционално присуствуваше и делегација на Вселенската цариградска патријаршија предводена од православниот митрополит Емануел.

Ика/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот