Папата Фрањо пристигна во Сингапур, последниот дел од неговото апостолско патување во Азија и Океанија
Папата Фрањо слета на аеродромот Чанги во Сингапур, доаѓајќи од Дили, во посета со која го завршува ходочестието во текот на кое ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја и Источен Тимор. Единствениот настан денес ќе биде приватната средба со исусовците од таа земја; утре ќе се реализираат првите официјални настани.
Папата Фрањо пристигна во Сингапур, последната дестинација на 45. апостолско патување, најдолгото во неговиот понтификат, кое започна на 2 септември, а ќе заврши за два дена, на 13 септември, при што ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја и Источен Тимор. Пристигнувајќи од Дили, слета на аеродромот Чанги во Сингапур во 8 часот и 53 минути по средноевропско време, или во 14 часот и 53 минути по локално време.
Како што беше предвидено, папата Фрањо беше пречекан од министерот за култура, заедници и млади и од амбасадорот на Сингапур во Светиот Престол. Единствениот настан денес е приватната „средба со членовите на Дружбата Исусовци кои се присутни во земјата, во Центарот за духовна обнова „Свети Фрањо Ксавиер“, структура каде што се одржуваат духовни вежби од 1997 година и каде што Папата ќе остане во текот на целата посета.
Утрешните настани
Утре, претпоследниот ден од апостолското патување на Папата, ќе започне со церемонија за добредојде во зградата на Парламентот, со пречек на претседателот Тарман Шанмугаратнам, по што ќе следи куртуазна посета на Папата кај претседателот, а потоа и кај премиерот Вонг Шјун Цаи. Веднаш потоа, во театарот на Универзитетскиот културен центар на Националниот универзитет во Сингапур, ќе има средба со властите, граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор, на која папата Фрањо ќе го одржи својот прв говор во Сингапур. Другите настани во текот на денот вклучуваат приватна средба со поранешниот премиер Ли Хсиен Лунг во Центарот за духовна обнова „Свети Фрањо Ксавиер“. Денот ќе заврши со света Литургија на националниот стадион.
Ватикан њуз/к.мк