Генерална аудиенција: Расудувањето ни помага да го забележиме Бог во неочекуваните настани

Генерална аудиенција: Расудувањето ни помага да го забележиме Бог во неочекуваните настани

Зборувајќи за расудувањето на Генералната аудиенција во среда 7 септември 2022 година, папата Фрањо потсети на примерот на свети Игнатиј од Лојола и нагласи како Господ делува во непредвидените настани од нашите животи.

Продолжувајќи ја катехезата посветена на темата расудување, Светиот Отец потсети на еден пресуден настан од животот на свети Игнатиј од Лојола. Имено, тој се опоравувал дома откако во борба му била повредена ногата. За да ја надмине здодевноста, свети Игнатиј барал нешто да прочита, а во куќата имало само житија на светци. Читајќи почна да открива друг свет кој го опфати, како да се натпреварувал со витешкиот свет, го воодушевиле ликовите на свети Фрањо и Доминик и добил желба да ги наследува.

Божјите мисли носат траен мир

Свети Игнатиј почувствувал во себе промена во мислите и започнал да ги забележува разликите. Во својата автобиографија светителот забележува дека кога размислувал за работите на светот, чувствувал големо задоволство, но потоа би бил сув и тажен. Наместо тоа, кога размислувал да замине бос за Ерусалим и да практикува други облици на аскеза, наидувал на задоволство, не само додека размислувал за нив, туку и кога ќе престанел.

Папата Фрањо истакна дека во искуството на свети Игнатиј забележал два погледа. Најпрво времето. Мислите за светот на почетокот се привлечни, но го губат сјајот и го оставаат човекот празен и незадоволен.

„Божјите мисли, напротив, прво предизвикуваат одреден отпор, но кога ќе се прифатат, носат непознат мир кој трае цело време.

Крајна точка на мислите

Друг аспект е крајната точка на мислите, додаде Папата. Постои развој на расудувањето и разбираме што е добро за нас, не на апстрактен, општ начин, туку преку патувањето на нашиот живот.

Всушност, свети Игнатиј дава важна премиса во правилата за расудување, наведувајќи дека кај лицата кои одат од смртен грев во смртен грев, непријателот обично предлага привидни задоволства, убедувајќи ги дека сè е добро, принудувајќи ги да си замислуваат минливи уживања и задоволства со цел да се задржат повеќе во гревот и да ги натера да растат во нивните пороци и гревови. Кај овие личности добриот дух користи спротивен метод, боцкајќи ги и гризајќи ги во нивната совест преку процесот на разумот.

„Постои историја што му претходи на оној што расудува, историја што мора да се знае, бидејќи расудувањето не е некаков пророк или фатализам, нешто од лабораторија, како фрлање ждрепка на две можности.

Навистина, се наметнуваат големи прашања кога ќе поминеме дел од патувањето во животот и мора да се вратиме на тоа патување за да разбереме што бараме, истакна Папата.

Слушање на срцето

За свети Игнатиј, кој не мислел на Бога кога бил повреден по битката, неговото прво искуство за Бог било слушање на сопственото срце кое му покажало пресврт: работите што на почетокот го привлекувале го оставале разочаран, додека кај другите, помалку светли нешта, наоѓал траен мир. Тоа треба и ние да го научиме, нагласи Папата: да го слушаме своето срце.

„Слушаме телевизија, радио, мобилни телефони, мајстори сме за слушање, но ве прашувам: можете ли да го слушате своето срце? Дали застанувате и велите: „Но како е моето срце? Дали е задоволно, дали е тажно, дали бара нешто?” За да донесете добри одлуки, мора да го слушате своето срце.”

Привидна случајност

Друг вид на расудување е „привидното совпаѓање на настаните во животот“, рече папата Фрањо. За време на закрепнувањето на свети Игнатиј немало витешки книги, туку само биографии на светци – „несреќа“ што претставувала можна пресвртница – а Игнатиј тоа го сфатил дури по некое време, а потоа посветува на тоа целосно внимание.

Бог дејствува преку непредвидени настани, а исто така и во несреќи, истакна Папата, нагласувајќи го делот од Евангелието според Матеј за човекот кој најдел закопано богатство во нивата. Човекот подоцна тоа го препознава како среќа во неговиот живот и постапува соодветно: продава сè и ја купува таа нива.

„Ви давам еден совет, внимавајте на неочекуваните работи.

Во такви моменти некој ни зборува, а потребно е да се направи разлика имајќи предвид како реагираме во овие неочекувани ситуации.

Завршувајќи ја катехезата, Папата истакна дека расудувањето е помош во препознавањето на знаците со кои Господ се открива во неочекувани, дури и непријатни ситуации, како што е повредата на свети Игнатиј, а од нив може да произлезе средба што ќе го промени животот засекогаш.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот