Папата Фрањо на светата Литургија за Рождеството Христово: Исус е смислата на животот

„Исус е смислата на животот и на историјата”, рече Папата Фрањо за време на својата прва света Литургија за празникот Рождество Христово, која ја предводеше во ватиканската базилика Свети Петар. Светиот Отец ги повика верниците да „одат со Бог”, без да ги заборават „отфрлените” и да ја споделат  радоста од Евангелието.

Папата потсети дека Божиќ не е само емоционално чувство: „Рождество ни укажува на вистината за она што сме, народ кој оди, ходочасници”, кои не сакаат да бидат „странци”, бидејќи” нашиот идентитет како верници е да бидеме ходочасници кои ја бараат Ветената земја”

„Во нашата лична историја се испрплетуваат светли и темни моменти, светлина и темнина. Ако го љубиме Бог и браќата, ќе одиме во светлина, но ако срцето ни се затвори, ако во нас преовладуваат гордоста, лагата, барањето на личен интерес, тогаш ќе нѐ опфати мракот”.

Папата Фрањо за благодатта истакна дека се јавува заедно со Исус, „кој дојде да нè ослободи од темнината и да ни даде светлина”.

„Исус е Божјата љубов, која стана тело и крв. Не е само мудар учител, не е само идеал кон кој се стремиме и знаеме дека сме неизбежно далеку. Тој, кој што е смислата на животот и на историјата, својот шатор го постави кај нас”.

На бројните верници, кој ја исполнија базиликата Свети Петар и плоштадот пред неа, Светиот Отец рече „да не заборават дека” пастирите се првите луѓе кои слушнаа за раѓањето на Исус”:

„Тие се први, бидејќи беа последни, отфрлени. Први слушнаа, бидејќи цела ноќ бдееја и го чуваа своето стадо… Со нив да му се заблагодариме на Бог што ни го дарува Исус Христос ! Благословен да си Боже Севишен!”

Папата повика да ја „споделиме радоста на Евангелието”, бидејќи Бог нè љуби:

„Бог ни повторува: Не плашете се (Лука  2,10). И јас велам на сите вас: Не плашете се! Нашиот Отец е трпелив, тој нè љуби, ни го дарува Исус, за да нè води на патот кон Ветената земја. Тој е светлината која ја осветлува темнината. Тој е милосрдие, Тој е нашиот мир!”.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот