Папата Фрањо на молитвата Ангел Господов: Злото во светот не доаѓа од Бог

Насилството не се победува со насилство, туку со мир рече папата Фрањо во својот неделен говор на 20 јули 2014 година пред верниците собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан.Ги охрабри да бидат упорни во молитвата за мир во целиот свет каде што владеат тензии и вооружени конфликти, посебно на Средниот Исток и во Украина. Светиот Отец изрази голема загриженост за вестите кои стигнуваат од Мосул во Ирак и некои други делови на Средниот Исток, за прогонствата на христијанските заедници кои на тие подрачја се присутни од почетокот на христијанството. Тие заедници според неговите зборови значително придонеле за благосостојбата на општеството.

Осврнувајќи се на параболата за сеачот од денешното Евангелие, Светиот Отец рече дека таа ни зборува за злото кое постои во светот, но не доаѓа од Бог, туку од Неговиот непријател, сатаната кој е многу лукав. Тој сее какол во доброто, така луѓето често не можат да сфатат што доаѓа од Бог, а што од ѓаволот, но на крајот сѐ ќе стане јасно. Треба само да се има трпение. Човекот премногу често и премногу брзо го става на една страна доброто, а на друга злото. Меѓутоа, Бог има трпение и знае да чека. Он трпеливо и милосрдно го набљудува полето на животот на секој поединец и подобро од нас ја гледа смрдеата и злото, но исто така гледа и се радува на доброто и со доверба чека да созреат. Гледањето на сопственикот на полето за кој зборува Евангелието по Матеј се заснова на надежта и сигурноста дека злото го нема ниту првиот ниту последниот збор. Благодарение на таа Божја трпелива надеж каколот може на крајот да стане добро жито.

Треба да се има на ум дека евангелското трпение не е рамнодушност кон злото. Не може да се прави конфузија помеѓу доброто и злото, истакна Светиот Отец. Пред плевелот, присутен во современото општество Христовиот ученик е повикан да го имитита Божјото трпение, поттикнувајќи надеж со длабоко уверување во конечната победа на доброто, а тоа е Бог. Христос вети дека на крајот на жетвата според судот господарот на злото ќе биде истребен и запален. На сите ќе им се суди со исто мерило, а тоа е милосрдието со кое сме постапувале кон другите, предупреди Папата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот