Папата Фрањо на молитвата Ангел Господов: Борбата против злото е тешка и долга
Драги браќа и сестри!
Во денешното Евангелие Исус проповеда преку една парабола во која укажува за потребата од постојано молење, неуморно. Главен лик е вдовицата која со упорна молитва успева несправедливиот судија да го убеди да се заземе за нејзината работа. И Исус заклучува: ако вдовицата успеала да го увери тој судија, зар мислите дека Бог нема да нѐ услиши ако Го молиме упорно? „Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе, макар и да забави?“ (Лука 18,7)
„Викаат дење и ноќе“ кон Бог! Нѐ погодува таа слика на молитвата. Но да се запрашаме: зошто го сака тоа Бог? Зар не му се познати нашите потреби однапред? Која е смислата на таа „упорност“ кон Бог?
Тоа е добро прашање, кое ни помага да продлабочиме еден многу важен аспект на верата: Бог нѐ повикува упорно да молиме не затоа што не знае што ни е потребно, или затоа што не нѐ слуша. Напротив, Тој секогаш нѐ слуша и нѐ познава, со љубов. На нашиот секојдневен пат, посебно во потешкотиите, во борбата против злото однадвор и внатре во нас, Господ не е далеку, туку е со нас; со нас е во нашата борба, а нашето оружје всушност е молитвата, која ни помага да ја почувствуваме неговата близина, неговото милосрдие, како и неговата помош. Но борбата против злото е тешка и долга, бара трпение и упорност – како во случајот со Мојсеј, кој морал да ги држи рацете кренати за да победи неговиот народ (сп. 2 Мојсеева 17,8-13). Тоа е така: постои една борба која мораме секој ден да ја водиме; но Бог е наш сојузник, верата во Него е нашата сила, а молитвата е израз на таа вера. Затоа Исус ни ја гарантира таа победа, но на крајот се прашува: „Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18,8) Ако згасне верата, ако згасне молитвата, и ние одиме во темнина
Да научиме од вдовицата од Евангелието, секогаш да молиме, неуморно. Таа била голема вдовица! Знаела да се бори за своите деца! Во мислите ми се толку жени кои се борат за своите семејства, кои молат, кои никогаш не се изморуваат. Да се сетиме денес на тие жени кои со своето однесување ни даваат вистинско сведоштво на верата, храброст, кои ни се вистински пример во молитвата. Да се сетиме на нив! Да молиме секогаш, но не за да го увериме Господ со силата на зборовите! Тој знае подобро од нас, што ни е потребно! Упорната молитва е израз на верата во Бог кој нѐ повикува да се бориме заедно со Него, секој ден, секој момент, за злото да го победиме со добро.
Драги браќа и сестри! Денес се слави Светскиот ден на мисиите. Која е мисијата на Црквата? Да го шири во светот пламенот на верата, кој Исус го запали во светот: тоа е верата во Бог кој е Отец, Љубов, Милосрдие. Методата на христијанската мисија не е прозелитизам, туку споделување со другите пламенот кој ја грее душата. Им заблагодарувам на сите од срце кој со молитва и конкретна помош го подржуваат мисионерско дело, посебно грижата на римскиот епископ за ширење на Евангелието. На овој ден сме близу до сите мисионери и мисионерки кои многу работат без врева и го даваат својот живот
Како италијанката Афре Мартинели, која многу години работела во Нигерија: пред неколку дена е убиена во кражба; сите плачеа, и христијани и муслимани. Ја сакале. Таа го навестуваше Евангелието со животот, направи образовен центар; така го шири пламенот на верата, водеше добра битка! Да се сетиме на таа наша сестра и да ја поздравиме сите со аплауз!
Потсетувам и на Штефан Шандора кој вчера во Будимпешта е прогласен за блажен. Беше салезијански лаик, пример во пасторалната работа со млади. Кога комунистичкиот режим ги укинала сите католички дела, храбро се спротивстави и е убиен во 39 година од животот. Се придружуваме во благодарноста до салезијанското семејство и Црквата во Унгарија.
Сакам да ја изразам својата близина со населението на Филипините кои се погодени од силен земјотрес и ве повикувам да молите за тој сакан народ, кој во последно време претрпе разни природни непогоди.