Папата Фрањо на Ангел Господов: Човечката рамнодушност ги боли оние кои се во неволја

Многу луѓе носат неподносилив „јарем“ и тоа заради економскиот систем кој го искористува човекот – предупреди папата Фрањо во неделата на 6 јули 2014 година во наговорот одржан на плоштадот Свети Петар. Папата истакна дека христијанинот е повикан да дојде до браќата во потреба било каде тие и да се наоѓаат, совладувајќи ја логиката на рамнодушноста.

„Дојдете кај мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ Папата Фрањо се задржа на Исусовиот повик за кој зборува Евангелието на денешната Литургија. Господ – рече Папата –пред очи има луѓе кои ги среќава секој ден, едноставни луѓе, сиромашни, болни, грешници и оние маргинализираните. Тие луѓе секогаш трчаат по Него за да ги слушат Неговото Слово – Слово кое дава надеж! Исусовото Слово секогаш дава надеж! – и кога би го допреле барем работ од Неговата облека – истакна Светиот Отец.

Самиот Исус го бара тоа мноштво, изморени и исцрпени како овци без пастир (Матеј 9, 35-36), така Он вели; и ги бара за да им го навести Царството Божјо и за да излекува многумина по тело и по дух. Сега сите ги повикува кај себе: „Дојдете кај Мене“ и ви ветувам олеснување и окрепување – рече Папата и истакна дека тој повик се проширува сѐ до нашите денови, за да дојде до бројните наши браќа и сестри, потиснати од неизвесните услови за живот, тешките услови, а понекогаш и без потребното засолниште. Во сиромашните земји, но и на перифериите на богатите – рече Папата – има многу изморени луѓе, исцрпени под неподносливиот терет на занемарувањето и рамнодушноста.

Рамнодушност; колку човечката рамнодушност ги боли оние кои се во неволја! – истакна Светиот Отец. А уште полоша е рамнодушноста на христијаните. На маргините на општеството има многу мажи и жени исцрпени од бедата, но и од незадоволството во животот и фрустрациите. Многумина се принудени да се иселат од своите земји, ставајќи го во опасност сопствениот живот. Уште повеќе оние кои секојдневно го носат товарот на економскиот систем кој го искористува човекот, им наметнува неподнослив „јарем“, кој оние малку привелигираните не сакат да го носат. На секое од тие деца Отецот кој е на небесата, Исус им повторува: „Дојдете кај Мене, сите“ – рече Папата.

Исус – додаде Светиот Отец – тоа го кажува и на оние кои поседуваат сѐ, но нивното срце е празно. И на нив Исус го упатува тој повик: „Дојдете кај Мене.“ Исусовиот повик е за сите луѓе. Но, на посебен начин за оние кои најмногу трпат. Исус исто така ни упатува повик кој е како заповед – рече Папата – „Земете го Мојот јарем на себе, учете се од Мене, бидејќи сум кроток и понизен по срце.“ Господовиот „јарем“ е во тоа товарот на другите луѓе со братска љубов да се преземе на себе – истакна Папата.

Откако ја примивме Христовата поткрепа и утеха и ние сме повикани да станеме поткрепа и утеха за браќата и тоа со кротко и понизно однесување наследувајќи го Учителот. Кроткото и понизно срце ни помага не само во преземањето на товарот на другите, туку исто така со своето лично гледање, судови, критики или со нашата рамнодушност да не станеме нивното бреме – рече папата Фрањо.

Поздравувајќи го големото мноштво ходочасници, собрани на плоштадот Свети Петар и покрај големата летна горештина, Папата заблагодари на населението во покраината Молизе која вчера ја посети. На посебен начин и со наклонетост би сакал да го поздравам вредното население на покраината Молизе, кои вчера ме примија во својата прекрасна земја, а и во своето срце. Тоа беше топол, искрен дочек кој никогаш нема да го заборавам! – истакна Папата.

Откако ги поздрави верниците од парохијата Салазано во бискупијата Тревисо, каде што парох бил дон Џусепе Сарто кој покасно ќе биде папа Пио X и кој е прогласен за светец, а наскоро ќе биде обележано 100 годишнина од неговата смрт, папата Фрањо повторно ги повика сите присутни да молат за него. Ве молам, немојте да заборавите да молите за мене; и јас тоа го правам за вас – рече Светиот Отец.

РВ/Д.И.

 

Категорија: Ватикан

За авторот