Папата Фрањо: Кој мисли дека сè знае, не може да Го разбере Бог
Не може само со ’главата’ да се разберат Божјите работи, туку своето срце треба да се отвори на Светиот Дух – истакна Папата на проповедта во вторник 13 мај за време на Светата Литургија во капелата на Домот Света Марта. Папата нагласи дека верата е Божји дар, и тој дар не може да се прими ако некој живее одвоено од Божјиот народ, односно Црквата.
Денешните литургиски читања говорат за две групи на луѓе. Во првото читање се говори за личности кои се разбегале после мачеништвото на Стефан, носејќи го со себе семето на Евангелието кои, послушни на Светиот Дух, го навестуваа на сите – рече Папата додавајќи:
Тие луѓе не рекле дека најпрво ќе навестуваат на Евреите, а потоа на Грците – паганите, туку се отворија на Светиот Дух; Нему Му беа послушни. На сите им отворија врата – па и на паганите кои пред тоа ги сметаа за ’нечисти’. Првата група значи е послушна на Светиот Дух, Кој понекогаш нè поттикнува на непредвидливо делување: на пример, на Филип го поттикнува да го крсти етиопскиот министер, а на Петар да го крсти Корнелиј – потсети папата Фрањо.
Духот понекогаш – продолжи Папата – нежно нè води, а крепост е човек да се препушти на Неговото водство; да не Му се спротивставува и да Му биде послушен. Светиот Дух денес делува во Црквата; делува во нашиот живот. Некој би можел да рече: Никогаш не сум го видел! Меѓутоа, биди внимателен на она што се случува и на она што ти доаѓа на ум; на она што ти се случува во срцето, на добри работи. Светиот Дух те повикува по тој пат да одиш напред. Потребна е послушност на Светиот Дух – истакна Папата, а потоа се осврна на другата група на луѓе.
Тоа се книжници, интелектуалци со кои Исус секогаш имаше проблеми, бидејќи никогаш не сфаќаа, секогаш се вртеа околу истите работи, мислеа дека религијата е во одржувањето на законот, не ни помислуваа на делувањето на Светиот Дух. Тие го опседнуваа Исуса, сакаа да расправаат, сметаа дека е сè во главата, дека разумот е сè. Во нив немаше срце, љубов, убавина ни склад; само бараа објаснувања – забележа Светиот Отец.
Ти ќе им објасниш, а тие, неверни, пак прашуваат. И така ден за ден… Целиот живот се врткаа околу Исус додека не Го фатија и убија. Таквите на Светиот Дух не Му го отвораат своето срце. Веруваат дека Божјите работи може да се разберат со главата, дека се плод на нивните идеи. Горди се и веруваат дека знаат сè. Ако нешто не се вклопува во нивната интелигенција, тогаш – сметаат – не е вистинито. Пред нив можеш да воскреснеш некој мртовец, меѓутоа ни тогаш нема да веруваат – истакна папата Фрањо.
На таквите Исус им вели: Не верувате бидејќи не припаѓате на Моето стадо. Не верувате бидејќи не припаѓате на Израелскиот народ. Од народот отидовте. Вие сте во аристократијата на интелектот. Таквото однесување го затвора срцето. Тие се откажаа од својот народ – предупреди Светиот Отец додавајќи:
Од народот се одделија и затоа не можеа да веруваат. Верата е Божји дар. Верата доаѓа ако си во Божјиот народ. Ако си – сега – во Црквата, ако те помагаат Светите Тајни, браќата и заедницата на верните и ако веруваш дека Црквата е Божји народ. Тие се одделија, не веруваа во Божјиот народ, туку само во своите работи и така изградија систем на закон против народот: го гонеа народот и не дозволуваа влез во Црквата, во народот. Не можеа да веруваат! Се противеа на Светиот Дух – објасни Светиот Отец.
Гледајќи ги овие два вида на луѓе, да Го молиме Господ за милоста на послушност на Светиот Дух како би можеле да напредуваме во животот и да бидеме креативни, радосни, бидејќи интелектуалците не беа радосни. А ако има премногу сериозност – тогаш недостасува Божјиот Дух – заклучи Папата поттикнувајќи на молитва за милост на послушност, за Светиот Дух да ни помогне во одбраната од искушението на самодопадливост, горделивост, надуеност и затвореност на срцето, со поттиците на Светиот Дух.
РВ/С.С.