Папата размислуваше за современите облици на ропство. Заедно со верниците ја измоли првата вечерна од Божествениот часослов, по што следуваше обожавање на Пресветата олтарска Тајна и традиционалната химна „Тебе Боже те фалиме“ (Te Deum). По завршувањето на славењето, папата Фрањо ја посети амбулантата за сиромашни на плоштадот Свети Петар, а потоа на плоштадот се помоли пред јаслите.
Љубовта дава полнина на сѐ, а Исус во кого е содржана целата љубов која Бог ја има кон секое човечко битие, се раѓа за да нѐ откупи, да нѐ извлече од состојбата на ропство и да нѐ ослободи, да ни го врати достоинството и слободата – рече Папата на 31 декември 2018 година во базиликата Свети Петар за време на благодарствената молитва за минатата година. Жена го роди Бог, кој е нашиот Небесен Отец за да примиме од полнината на човештвото. Неговата понизност нѐ ослободи. Неговата величина е произлезена од неговата мудрост, од неговата кревкост е произлезена нашата сила, од неговото прифаќање да биде слуга е произлезена нашата слобода – истакна Папата.
Болка поради современите облици на ропство
На последниот ден од 2018 година Светиот Отец со тага и жалење забележа дека и денес постојат различни облици на ропство, состојба која се противи на човечкото достоинство на мажите и жените, исто така и во Рим, и сето тоа е очајно. Папата потоа се спомна на лицата кои немааат кров над глава и рече дека во овој град ги има повеќе од 10.000. Нивната ситуација посебно е тешка во зимскиот период. Сите тие се Божји деца, но различни во обликот на ропство, понекогаш многу сложени и се доведени до живот на работ од човечкото достоинство.
Исус сакаше да се роди сиромашен
Дури и Исус се роди во слична ситуација, но не случајно, туку затоа што така сакал да се роди, за да ни ја покаже Божјата љубов кон малите и сиромашните, и на тој начин го фрла семето на Божјото царство во светот. Царството на правда, љубов и мир, во кое никој не е роб и сите се браќа, синови на еден Отец – нагласи папата Фрањо и додаде: Таа реалност во која Црквата како мајка не сака само да помогне однадвор, туку сака да биде одвнатре, да биде блиска со тие лица и во таквите ситуации, како што Девица Марија го примила и прегрнала Божјиот Син.
Полнина на времето
За време на проповедта Светиот Отец размислуваше за изразот „полнина на времето“. Исус, чие што раѓање само што го прославивме, е ѕвезда Северница, и сега тоа е скоро невидливо и без значење, но за нешто повеќе од триесет години, Исус ќе ослободи посебна сила, која уште трае и ќе трае низ историјата. Таа сила се вика Љубов. Тоа е љубовта која му дава полнина на сѐ, дури и на времето; Во Исус е „концентрирана“ целокупната Божја љубов во човечкото битие.
Исус ги раскинува оковите на гревот
Посланието на Божјиот Син е откупување на човекот, враќајќи му ја слободата. Ропството за кое зборува свети апостол Павле се прописи кои треба да се почитуваат и Закон кој го воспитува човекот, но не го ослободува од неговата состојба на грешност, туку така речи го приковува, спречувајќи го во остварување на синовската слобода. Бог Отецот го испрати својот Единороден Син во светот за да го искорени од човечкото срце старото ропство на гревот и така да му го врати неговото достоинство. Всушност од човечкото срце – како што учи Исус во Евангелието (сп. Марко 7,21-23) – излегуваат злите намери, неправдите кои го расипуваат животот и односите.
Посета на амбулантата и јаслите
После првата свечена вечерна молитва и проповедта на Папата, а пред традиционалната химна Тебе Боже те фалиме, во базиликата Свети Петар беше изложена Пресветата олтарска Тајна. После славењето, Светиот Отец во придружба на Папскиот делител на милостина, кардинал Конрад Крајевски, ја посети амбулантата под Берниниевата колонада на плоштадот Свети Петар наменет за бездомниците. После средбата со луѓето собрани на плоштадот Папата се помоли пред јаслите, кои оваа година се од песок и се изработени од уметници од италијанската покраина Венето.
Ватикан њуз/к.мк