Папата Фрањо: Исповедта е Божја прегратка

Исповедта е света тајна на Божјата нежност, таа е негов начин на кој нѐ прегрнува, тоа е пораката на папата Фрањо објавена на Велики Вторник, преку твитер со која упати уште еден повик за пристапување до светата тајна исповед.

Овие зборови на Папата потсетуваат на евангелската приказна за таткото и блудниот син, татко кој чека на прозорецот и кога го здогледува синот како доаѓа оддалеку му оди во пресрет и го прегрнува, истакна во разговорот за Радио Ватикан, надбискупот Бруно Форте. Мислам дека папата Фрањо со оваа порака сака да го истакне големото Божјо милосрдие, фактот дека Бог Исус Христос е Татко кој нѐ сака,кој нѐ почитува и тогаш кога избираме нешто што е против неговата волја; а Тој е секогаш подготвен да нѐ прифати, да нѐ чека за враќање и да се радува кога ќе се вратиме.

Значи, се наоѓаме пред настанот на средба со љубовта, очекувањето, радосното прифаќање, големото милосрдие, а не пред сликата на суд, која во минатото понекогаш владеела околу светата тајна исповед, во која свештеникот, на некој начин, бил судија кој морал да даде разрешение, истакна надбискупот.

Осврнувајќи се, потоа, на зборовите на папата Фрањо, кои ги повторува уште од самиот почеток на неговиот понтификат, дека Бог никогаш не се изморува да простува, туку дека ние се изморуваме да бараме простување, надбискупот Форте истакна дека содржината на гревот е содржина кој длабоко ја погодува целовитоста на човечкото битие, а главна последица, која е и многу разорна, е злото кое го правиме самите на себеси. Се губи чувството за личното достоинство, па токму поради тоа се губи довербата во можноста што ни ја дал Бог.

Поради тоа е важно лицето на милосрдието, за да се пронајде патот на помирување, објасни надбискупот. Бог како судија би ги задржал далеку од себе оние што погрешиле. Напротив, Бог како Бог на бескрајното милосрдие, како што истакнува папата Фрањо, е Бог кој те привлекува, Бог кој го поттикнува твоето срце и покрај сѐ во Него да најдеш помирување.

На новинарското прашање зошто често изгледа дека христијаните, кога и пристапуваат на светата тајна исповед, ја губат едноставноста и храброста, која папата Фрањо ја истакна во една своја проповед, надбискупот истакна дека едноставноста е потребна затоа што, да се биде едноставен значи да се биде вистинит, односно тоа значи дека знаеме да застанеме пред Бога без оправдување и одбрана. Без додатоци кои понекогаш ги комплицираат човечките односи, а понекогаш и нашиот однос со Бог.

На крајот, додаде надбискупот, храброста е вредност што е нераскинлива од довербата и од љубовта. Ако немаш љубов, ако немаш доверба, ако не се чувствуваш сакан, немаш ни храброст. Ако, пак, напротив, сето тоа го поседуваш, храброста ти го отвора она што големиот евангелски теолог, Карл Барт, го нарекува „неможното на Божјите можности“, а тие ни се реализираат токму во Великата седмица, завршува надбискупот Бруно Форте.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот