Папата Фрањо се сретна со учесниците на семинарот „Етика во здравствениот менаџмент“. Зборувајќи за важноста на грижата за здравјето се осврна и на сопствената здравствена состојба и рече дека успешно закрепнува од бронхитис.
Во четврток, 30 ноември, Светиот Отец ги прими учесниците на семинарот „Етика во здравствениот менаџмент“.
Здравјето е истовремено силно и кревко, рече Папата и додаде дека со занемарување на здравјето, подлегнуваме на кревкост.
Тој ја истакна важноста на превентивната медицина, бидејќи таа ги спречува настаните пред да се случат. Изрази благодарност до учесниците на семинарот за тоа што го работат и посочи дека не треба само да се бараат медицински и фармаколошки решенија, туку и да се негува здравјето, да се размислува за придобивките од здравјето и како да се зачува.
Не само лекување, туку и зачувување, истакна Папата и повика да се бараат медицински решенија при болеста, но и да се зачува здравјето кога е добро.
Акутен бронхитис
Папата се осврна и на сопствената здравствена состојба, поради што го откажа Апостолското патување во Дубаи.
Како што можете да видите, сè уште сум жив, се пошегува папата. Докторот не ми дозволи да одам во Дубаи. Бидејќи таму е многу топло и се преминува од топол воздух во климатизирани простории, а во ваква ситуација со бронхитис тоа не е соодветно, објасни папата Фрањо.
Исто така се заблагодари на Бога што не се работи за пневмонија, туку за акутен бронхитис и рече дека повеќе нема температура, но се уште прима антибиотици.
Поради појава на симптоми слични на грип, во саботата на 25 ноември на Папата му беше направена томографија со цел правилно да се процени неговата здравствена состојба и оттогаш се опоравува.
По совет на лекарот, во вторник, 28 ноември Светиот Отец го откажа патувањето во Дубаи, каде што требаше да присуствува од 1 до 3 декември на самитот за клима COP28.
Ватикан њуз/к.мк