По повод доделувањето на Наградата Рацингер, папата Фрањо во Ватикан се сретна со околу 180 лица, научници со нивните семејства и пријатели, кои со своето присуство сведочат за „тајната врска“ во корист на службата на Црквата во светот на културата. Папата Фрањо во говорот до почесниот папа Бенедикт XVI упати срдечни, благодарни мисли полни со восхит.
По минатогодишната пауза заради пандемијата, ова година продолжува традицијата на годишно доделување на Наградата Рацингер која ја доделува ватиканската фондација „Јозеф Разцингер – Бенедикт Шеснаесети“. Папата Фрањо тоа го искористи да го спомне со почит и наклонетост својот претходник, пример – како што рече, со ентузијазам посветено проучување и истражување кои отсекогаш ги соединувал со својата вера и служењето на Црквата.
Папата со радост ги поздрави овогодинешните добитници на наградата професорката Хана-Барбара Герл-Фалковиц и професорот Луџер Швиенхорст-Шенбергер, како и минатогодишните, професорот Жан-Лук Марион и професорката Трејси Роланд, заедно со другите наградени од претходните години. Токму нивното присуство покажува дека таа иницијатива воспоставува трајна врска, плоден однос во присуството и службата на Црквата во светот на културата – истакна и рече дека заедницата на наградени секоја година се зголемува во бројот, потеклото, и разноликоста на дисциплините.
Динамиката на човечкиот ум и дух навистина е безгранична во спознавањето и создавањето. Тоа е ефект на „искрата“ која Бог ја запалил во човекот создаден според негов образ, способен да бара и да пронаоѓа секогаш нови значења во создаденото и во историјата и да продолжи да ја изразува виталноста на духот во обликувањето и преобразувањето на материјата. (…)
Спомнувајќи ги имињата на големите учители на филозофијата и теологијата на нашето време, папата Фрањо рече дека тие нѐ воспитуваат за размислување за се подлабоко да го живееме односот со Бог и со другите, и за со човечкото делување да насочуваме со доблестите, а посебно со љубовта. Меѓу тие учители треба да се вброи теологот кој знаел да го отвори и да го негува своето размислување и културниот дијалог кон сите тие насоки затоа што верата и Црквата живеат во нашето време и се пријатели на секое трагање за вистината – истакна Папата и додаде, зборувам за Јозеф Рацингер.
Затоа ова е прилика уште еднаш да му ги упатиме нашите срдечни и благодарни мисли полни со восхит – рече и ја спомна нивната средба по повод 70 годишнината од свештеничкото ракополагање… Чувствуваме дека нѐ придружува со молитвата, држејќи го својот поглед постојано свртен кон Божјиот хоризонт. Доволно е да го погледнеме за да го забележиме тоа. Денес посебно му се заблагодаруваме затоа што беше и пример на посветување со ентузијазам на проучувањето, истражувањето, пишаната и умната комуникација; и затоа што своите културни истражувања секогаш целосно и хармонично ги соединувал со својата вера и служењето на Црквата. (…)
Ватикан њуз/к.мк