Папата Фрањо ќе биде хоспитализиран „неколку дена“ откако му e дијагностицирана респираторна инфекција, соопштено е од Ватикан во среда 29 март 2023.
„Последниве денови папата Фрањо се пожали на одредени тешкотии со дишењето и попладнево отиде во болницата Гемели за да изврши некои медицински испитувања. Резултатите од испитувањата покажаа респираторна инфекција (инфекцијата Ковид-19 е исклучена) за која ќе бидат потребни неколку денови соодветен медицински третман во болницата“, рече во средата навечер директорот на канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни.
„Папата Фрањо е трогнат од многуте пораки што ги доби и ја изразува својата благодарност за близината и молитвата“, додаде Бруни.
Гемели е истата болница во која папата Фрањо беше хоспитализиран во јули 2021 година кога му беше извршена операција на дебелото црево поради дивертикулитис или воспаление на цревниот ѕид.
Во интервју за Асошиетед прес во јануари, папата Фрањо откри дека дивертикулитисот „се вратил“. Во тоа време, 86-годишниот Папа – кој отпатува во Јужен Судан и Демократска Република Конго кон крајот на јануари – потенцираше дека е во релативно добра состојба.
Папата од минатата година страда и има проблеми со десното колено, поради што е неопходно да користи бастун и инвалидска количка за да се движи. Но, папата Фрањо во една изјава за новинарите истакна дека коленото е излечено без операција по ласерска и магнетна терапија.
Во агендата на Папата за четврток и петок се наведени две средби, едната во четврток со наставници и ученици од училиштата на Сестрите Облати на Детето Исус и во петок петтата проповед со Римската курија.
Ватикан њуз/к.мк