Папата: Најлошо ропство е ропството на сопственото его

Папата: Најлошо ропство е ропството на сопственото его

Исус кој го раскинува внатрешното ропство на гревот за човекот да го направи способен за љубов.

Папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 12 септември 2018 година на плоштадот Свети Петар одржа катехеза осврнувајќи се повторно на третата Божја заповед која се однесува на денот Господов. Декалогот кој е објавен во Втората Книга Мојсеева се повторува во Книгата Повторени закони речиси на истиот начин со исклучок на третите збори со кои се појавува скапоцена разлика. Додека во Книгата Исход причината за одморот е благословот на создавањето, во Повторени закони се означува крајот на ропството. Тој ден робот мора да одмора како и господарот за да го слави споменот на Пасхата на ослободувањето.

Имено робовите имале таква положба што не можеле да одмораат – рече Папата и напомена: Но, постојат многу видови на ропства, дали внатрешни или надворешни. Постојат надворешни ограничувања како што се угнетувањето, насилството и другите видови неправда. Потоа постојат внатрешни затвори кои се на пример се психолошките сопирачки, комплексите, ограничувањата на карактерот и многу повеќе. Дали има одмор во тие услови? Дали може човек затворен или угнетен да остане слободен? Дали може човек кој е измачен од внатрешни тешкотии да биде слободен?

Навистина постојат луѓе кои дури и во затвор живеат во голема духовна слобода – рече Светиот Отец и поттикна: Сетете се на пример на свети Максимилијан Колбе или кардиналот Ван Тхуан кои местата на мрачни мачења ги претвориле во места на светлина. Исто така постојат луѓе кои носат големи внатрешни рани, но знаат дека милосрдието одмора и знаат да го пренесат на другите. Божјото милосрдие нѐ ослободува. Кога го среќавате Божјото милосрдие добивате голема внатрешна слобода и способност да го пренесувате. Затоа е толку важно да се отвориме за Божјото милосрдие за да не бидеме робови на самите себе.

Што е вистинската слобода? – праша папата Фрањо и продолжи: Можеби се наоѓа во слободата на избор? Сигирно тоа е дел од слободата и ние се заземаме за да биде загарантирана на секој човек (Gaudium et spes 73). Но, добро знаеме дека да можеме да направиме нешто што сакаме не е доволно за навистина да бидеме слободни и среќни. Вистинската слобода е многу повеќе.

Всушност, постои ропство кое врзува повеќе од затворот, повеќе од нападот на паника, повеќе од присила од било кој вид: тоа е ропството на сопственото его – истакна Папата и објасни: Тие се луѓе кои цел ден се гледаат себе за да го видат своето его. Тоа нивно ЈАС повисоко е од нивното тело. Тие се робови на своето его. Тоа его може да стане мачител кој го мачи човекот било каде да биде и да создаде најдлабоко оптеретување кое се нарекува „грев“ кој не е едноставно прекршување на прописите, туку животен неуспех и состојба на ропство. Гревот на крајот е да се зборува и да се прави според своето его. Сакам да го направам тоа и не ме интересира дали постои некоја граница, дали постои заповед, ниту ме интересира дали постои љубов.

Тоа его се покажува на пример во човечките страсти: алчноста, блудноста, скржавост, гордоста, зависта, мрзеливоста, горделивоста итн. – рече Светиот Отец и нагласи – Тие кои попуштаат на тоа се робови на своите пороци кои ги злоупотребуваат и мачат. Нема одмор за алчниот затоа што лакомоста е лицемерието на стомакот кој е полн, но нѐ уверува дека е празен. Лицемерниот стомак нѐ прави алчни. Постојат робови на лицемерниот стомак. Не постои одмор за алчникот и блудникот кој мора да живеат од задоволство; вознемирената желба за поседување го уништува скржавиот; секогаш собира пари, ранувајќи ги другите; пламенот на лутината и црвот на зависта ги упропастува односите.

Писателите велат дека заради зависта телото и душата пожолтуваат како кај човек кој има хепатитис – рече папата Фрањо и додаде: Завидливите имаат жолта душа затоа што никогаш не можат да ја имаат свежината на здравата душа. Самодоволноста тоа е она горделиво его кое копа јаз помеѓу себе и другите. Кој е вистински роб? Кој е оној кој не познава одмор? Тој е оној кој не е способен да љуби! Сите тие пороци, гревови и себичност оддалечуваат од љубовта и нѐ прават неспособни за љубов. Стануваме робови на самите себе и не можеме да љубиме затоа што љубовта секогаш е свртена кон другите.

Третата заповед нѐ повикува одморајќи се да го славиме ослободувањето. За нас христијаните тоа е пророштвото на Господ Исус кој го раскинува внатрешното ропство на гревот за човекот да го направи способен за љубов. Вистинската љубов е вистинска слобода, одвојува од поседувањето, ги обновува односите, го прифаќа и цени ближниот, секој напор го преобразува во радосен дар и нѐ прави способни за заедништво. Љубовта ве прави слободни и во затворот, па и ако сте слаби и ограничени. Таа е слободата која ја примаме од нашиот Спасител, Господ наш Исус Христос – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот