Папата Фрањо: Евреите и христијаните се пријатели и браќа
Соборната декларација „Ностра етате“, објавена пред 50 години, има решителен придонес за почетокот на периодот на „пријателство и взаемно разбирање“ меѓу католиците и Евреите. Ова го истакна папата Фрањо на аудиенцијата за 250 членови на делегацијата на федерацијата од меѓународни асоцијации за поддршка на еврејско-католичкиот дијалог (International Council of Christian and Jews).
Повод за средбата е конференцијата на федерацијата посветена на 50-годишнината од Соборната декларација „Ностра етате“, со која е променет засекогаш изгледот на дијалогот меѓу Црквата и еврејскиот свет, потврдувајќи ги еврејските корени на христијанството и осудувајќи го антисемитизмот.
Одбележувањето на 50-годишнината од овој важен документ е повод да ги видиме „богатите плодови на еврејско-католичкиот дијалог и да се заблагодариме на Бог за стореното добро, пријателството и взаемното разбирање, бидејќи нашите напори за дијалог се придружувани од Светиот Дух“, истакна Папата.
„Човечката поделеност, нашата недоверба и гордост беа надминати благодарение на Духот на Севишниот Бог, за да може меѓу нас сѐ повеќе да расте довербата и братството“, рече папата Фрањо. „Ние не сме странци едни за други, туку пријатели и браќа“.
„Сите христијани имаат еврејски корени“, додаде Папата. „И покрај различните перспективи, Го исповедаме единствениот Бог, Творец на вселената и Господ на историјата“. „Христијанските конфесии го наоѓаат своето единство во Христос, а јудаизмот во Тората. Христијаните веруваат дека Исус Христос е овоплотеното Божјо Слово во светот, а за Евреите Божјото Слово е присутно во Тората. Двете традиции на верата Го имаат за основа Бог, Бог на заветот, кој им се открива на луѓето преку Словото. Барајќи соодветен однос кон Бог, христијаните се свртуваат кон Христос, како извор на нов живот, а Евреите кон учењето на Тората“.
„Ова теолошко размислување за односот меѓу јудаизмот и христијанството е инспириран токму од „Ностра етате“ и врз оваа цврста основа може уште да се равива“, истакна на крајот Папата.
РВ/В.Н.