Папата Фрањо до учесниците на 35. Младифест во Меѓугорје: Останете во присуство на Учителот

Папата Фрањо до учесниците на 35. Младифест во Меѓугорје: Останете во присуство на Учителот

Ве охрабрувам да воспоставите близок однос со Евангелието и да го имате со вас, за да ви биде како компас кој ви го покажува патот што треба да го следите. Читајќи го ќе научите да го познавате Христос, Синот Божји кој стана човек, кој е единственото, совршено и ненадминливо Слово на Отецот, им порача Папата на младите собрани на 35. Младифест во Меѓугорје.

Папата Фрањо и оваа година упати порака до учесниците на Меѓународниот молитвен фестивал на млади во Меѓугорје, која во четврток, на 1 август 2024 година, пред вечерната света Литургија ја прочита апостолскиот визитатор со посебна улога за парохијата Меѓугорје, надбискупот Алдо Кавали.

„Драги млади, радосен сум што можам да ви ја испратам оваа порака по повод 35. Фестивал на млади, кој ве собра во голем број во Меѓугорје, за да може средбата со Господ Исус во заедништво со Дева Марија да го разгори пламенот на вашата вера. Во овие интензивни денови ќе размислувате за темата „Марија го избра подобриот дел…“ (Лука 10,42). Поаѓајќи од оваа Господова реченица, би сакал да ви дадам неколку кратки предлози за вашиот духовен раст и залагање во Црквата и светот“, рече Светиот Отец.

Исус, со она што го кажува на Марта, Лазар и сестрата на Марија, нè потсетува дека пристапот на веродостојниот ученик е да го слуша Господовото Слово, додаде и објасни како Марија сфатила дека Господ влегол во нејзината куќа, но сакал и да влезе во нејзиното срце. Таа, всушност, седнала под Неговите нозе за да Го слуша, со што го избрала подобриот дел што „нема да ѝ се одземе“, истакнува папата Фрањо.

„Друга веродостојна ученичка е Марија од Назарет. Бог влезе во куќата на оваа млада девојка и ѝ зборуваше, таа го прими Божјото Слово во своето срце и учествуваше во неговиот план, ставајќи се на располагање кога, во полнотата на времето, Бог го испрати својот Син. Таа беше присутна во тишина во подножјето на крстот кога Исус, Синот Божји и нејзин Син, го откупи светот; таа ги придружуваше апостолите на денот на Педесетница, кога Црквата се роди од Светиот Дух. Дозволувајќи му на Словото Божјо да влезе во нејзиното срце, Дева Марија го исполни своето послание со верност и внимание. И таа го избра подобриот дел: Господ Исус“, истакна Папата.

Исто така и вие, драги пријатели сте повикани да станете верни Христови ученици. Останете во присуство на Учителот за да размислувате за Божјото Слово, дозволувајќи му да ги просветли вашиот ум и срце, да откриете и да соработувате за планот кој Господ го има за секој од вас.

Ве охрабрувам да воспоставите близок однос со Евангелието и да го имате со вас, за да ви биде како компас кој ви го покажува патот што треба да го следите. Читајќи го ќе научите да го познавате Христос, Синот Божји кој стана човек, кој е единственото, совршено и ненадминливо Слово на Отецот. Во Него Отецот ни кажува сè, и нема да има други зборови“ (ККЦ, 65) како што е потврдено од свети Јероним: „Непознавањето на Светото Писмо е непознавање на Христос“ (ПЛ 24,17). Зајакнувајте се и со силата на светотаинската благодат на помирување и Евхаристија, посетете го Господ во средбата „срце до срце“, односно во евхаристиското поклонување“, нагласи тој.

Верниот ученик, згора на тоа, станувајќи мудар и силен во Духот, нужно им го пренесува Царството Божјо на другите, бидејќи навестувањето на Неговото Слово не е обврска само за свештениците и монасите и монахињите, туку и за вас, драги млади, рече папата Фрањо и им порача дека треба да имаат храброст да зборуваат за Христа во своите семејства, во нивната образовна и работна средина, во слободното време.

„Навестете го пред сè со вашиот живот, видливо покажувајќи го присуството на Христос во сопственото постоење, секојдневниот труд и доследноста на Евангелието во секоја конкретна одлука. Господ ве сака како неустрашливи апостоли на неговата Радосна вест и како градители на ново човештво“, додаде Петровиот наследник.

„Предраги, нека ве придружува мојот благослов и сите вас ве доверувам на Мајка Марија, Мајката на Црквата, таа да се моли за сила и мудрост за да можете да разговарате со Бога и да зборувате за Бога. Нека нејзиниот пример ве поттикне да бидете предвесници на надежта, љубовта и мирот во светот. На крај, љубезно ве молам да се молите за мене“, завршува папата Фрањо во писмото што им го упати на младите во Меѓугорје, а го прочита надбискупот Кавали.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот